еМагазин
Image default
Интервју ТОП СТОРИИ

Цветин: Ја заслужувам Нобеловата награда за мир

Живко Поповски – Цветин е македонски уметник и хуманист, кој со децении е посветен за ширење на мир, хуманост и солидарност во светот преку мисијата Цвеќе на мирот.

Лајонс дистрикт 132 година и неговиот матичен лајонс клуб Вардар, повторно ја активираа неговата апликација за Нобелова награда за мир во 2024 година.

Неговите очекувања се дека ќе биде носител на оваа светски призната награда.

Ја поднесовте ли апликацијата и на што се базираат вашите очекувања?

– Апликацијата е доставена до Нобеловиот комитет за доделување на Нобеловата награда за мир. Лајонс дистриктот и клубот Вардар, се само едни од многу мои предлагачи за оваа награда. На апликацијата се потпишани многубројни академици, универзитетски професори, уметници, пратеници, разни државни институции.

Моите очекувања дека ќе бидам носител на оваа светски призната награда е за мојата децениска посветеност за мир, хуманост и солидарност во светот преку мисијата Цвеќе на мирот. Во оваа насока, имам подарено над 70.000 слики Цвеќиња на мирот, на светски и домашни истакнати поединци од разни генерации (од најмалите до највозрасните), институции и организации.

Имате ли поддршка од македонското општество за апликацијата? Како реагираат граѓаните на оваа идеја?

– Во оваа мисла, навистина сум многу среќен поради тоа што со средбите со моите пријатели и сограѓани, изразуваат огромна поддршка и се надеваат дека ја заслужувам оваа награда. На секоја средба, луѓето изразуваат позитивен интерес да ја добијам наградата со верување дека е заслужена награда.

Имам добиено многу писма за поддршка од Македонија и од светот, имајќи го во предвид првото писмо од нобеловката Мајка Тереза пред 40 година и нобеловецот Вили Брант, како и писмото од Кофи Анан, кој ми се заблагодарува и од името на Обединетите нации за континуираната моја поддршка во борбата за мир, Перез Де Куељар, генерален секретар на ОН пред Кофи Анан, од Бутрос Гали, Индира Ганди, Сандро Пертини, Џорџ Буш, Михаил Горбачов, Хелмут Кол, Сулејман Демирел и многу други.

Веќе четири децении создавате уметност во име на мирот. Создавате цвеќиња со кои испраќате порака за мир. До каде се е стигната вашата порака?

– Токму четири децении е период на целосна посветеност на вредностите на мирот. Секој ден подарувам цвеќиња на мирот за да го разбудам кај секој човек она што е значајно за сите нас. Затоа што без мир нема напредок, ниту можност за опстанок на човештвото.

Цвеќињата ги подарувам на новороденчиња преку нивните мајки, на децата во градинките, во основните училишта, на средношколците, на студентите, на спортистите, луѓето кои се грижат за екологијата, земјоделските производители на храна, за децата без родители за да им вдахнам надеж и верба во животот, на луѓето од трета доба.

Честопати оваа порака ја проследуваме кон луѓето заедно со поетите кои ми пишуваат песни со посвета за мирот и со музичарите создавајќи убава атмосфера за луѓето да се чувствуваат посреќни. Пример, на Струшките вечери на поезијата сум присутен повеќе од 35 години, каде што разменуваме цвеќе на мирот за песна со посвета за мирот, во ракопис на речиси сите јазици во светот.

Организиравте и изложба на отворено „Мироносно цвеќе за пријателство“ на која учествуваа граѓани кои добиле подарок слика од Вас. Како сте задоволни од одзивот на граѓаните?

– Иако беше зимски период, сепак сум задоволен бидејќи многу луѓе со мои слики не можеа да дојдат. Сепак, три дена во пладневните часови, со пригодна погода и загриженост поради војните и други страдања во светот, низ дружба со поезија и музика, испраќавме пораки за мир и апел да запрат сите војни и страдања на луѓето, уништувањето на материјални добра. Сите бевме и сме загрижени за случувањата во светот каде невини луѓе, деца гинат во овие судири. Наместо да се заложиме да се обезбеди доволно храна и мирен живот за развој на сите луѓе во светот.

Вие бевте и Претседател на Црвениот крст на Македонија од 1992 до 1996 година. Хуманоста, всушност, е дел од вашиот личен и професионален генетски код. Колку македонските граѓани се хумани и помагаат на оние на кои им е најпотребно?

– Во мое време, кога бев прв претседател на Црвениот крст, се одвоивме од тогашниот југословенски црвен крст и се соочивме со бегалската криза од Босна кога во нашата земја дојдоа 75 илјади бегалци. Исто така, во тој период, имаше голема инфлација, при што имаше многу сиромашни луѓе на кои им требаше помош.

Во тој период, како самостојно хуманитарно национално друштво, требаше да бидеме и дел од Меѓународната федерација и од Меѓународниот комитет на Црвениот крст. Тогаш бевме признати и прифатени во меѓународното семејство на оваа организација. Претстоеше и голема активност кога го зајакнавме секторот за помош на граѓаните при природни катастрофи (земјотреси, војни, поплави).

Тогаш поднесов иницијатива кога двете влади на македонската и грчката влада беа во ќорсокак, најдов начин како да се избегне деблокирање на 40 илјади тони нафта од солунското пристаниште. Преку меѓународниот комитет на Црвениот крст ги деблокиравме овие количини за хуманитарни цели (детски градинки, училишта и други институции).

Македонскиот народ од памтивек е хуман и помагаат на луѓето во неволја. Делеа и делат дел од себе за да помогнат и на бегалци, на раселени, поплавени. Во оваа смисла, преку разни аукции, честопати давав мои слики за поплавените, луѓе во неволја од разни непогоди.

Во 1985 година, со Црвениот крст организирав изложба во Демир Хисар за гладните деца во Африка и сите средства од продадените слики, беа испратени за гладните деца. Истата година, една изложба посветив на Мексико со љубов, за настраданите од тогашниот земјотрес. Година дена подоцна, преку младинскиот Црвен крст во Бамберг, Германија имав изложба и подарив пари за стари лица.

Што за Вас значи Лајонизмот во кој творите веќе две децении?

– Кога се работи за моето присуство и учество и поддршка на лајонизмот почна пред дваесетина години. Од почетокот се до денес, кога сум дел на Лајонс клуб Вардар, како движење даваме придонес во поглед на хуманитарната дејност и работа на оваа невладина светска организација.

Ова е убав пример кој се залага за подобрување на видот, што подразбира да се види и другиот што му треба, да му се помогне, да му се најде во најтешките моменти на секој човек. По повод 100 години лајонизам во светот, во 2017 година, создадов слика долга 100 метри, Цветна патека на мирот со порака „Сите заедно да тргнеме по Цвеќето на мирот и хуманоста“. Дел од оваа слика е претставена и во Чикаго, од каде потекнува лајонизмот. Нашата лајонс елегација, тогаш се сликаше со оваа слика од 100 рози со други светски делегации.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Четворица починати од Ковид-19, кај сите регистриран коморбидитет

Редакција

Српската влада направи повеќе за вакцинацијата во Македонија, отколку нашата

Редакција

Горивата поскапуваат од половина до еден денар по литар

Редакција