еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ

13. Фестивал на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе започне денеска и ќе трае до 25 август

Магичниот простор на Куршумли-ан во следните осум денови ќе биде збирно место за „Лупење идеи“ на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, кој во своето 13-то издание ќе се одржи од 18 до 25 август во Скопје.

Фестивалската програма ќе се реализира на четири локации, и тоа во Куршумли-ан, плато на Музеј на РСМ пред Куршумли-ан, МКЦ и во „Europe House Скопје“.

– Со мото „Лупење идеи“ фокус на 13. „МакеДокс“ е развојот на идеи и годинава е време да дејствуваме и заедно да ја развиваме замислата за ново утре. Слој по слој, ќе ги лупиме идеите – старите, суви и ветви корки да ги оставиме зад нас, а на свежите бели нека блеснат нови движечки слики, и нови, и нови, и нови…

Среќни сме што после две години ќе имаме фестивал без рестрикции и со голем број странски гости – истакнува Дарко Набаков, извршен директор на 13. издание на фестивалот „МакеДокс“.

Годинава на фестивалот ќе пристигнат околу 70 гости од странство. Сите филмови ќе бидат прикажани на филмско платно. Филмската програма на 13. „МакеДокс“ содржи 71 документарни остварувања во пет натпреварувачки категории – Главна програма, Нови автори, Кратки документарни филмови и Студентска програма, додека сите филмови се дел од компетицијата за наградата Етички идеи.

На фестивалот ќе се доделат пет награди, а во комисиите за награди членуваат 15 интернационални професионалци од документарниот свет. Надвор од компетиција, но значајни фестивалски програми се Земја во фокус – годинава тоа е Чешка и Програмата за деца и младинци.

Фестивалот ќе биде отворен на 18 август, во Куршумли-ан, во 21 часот, со документарниот филм „Сѐ што дише“ (All That Breathes) на режисерот Шаунак Сен (Shaunak Sen), филм кој е индиско-британска копродукција, а пред него ќе биде прикажан белгискиот краток документарен филм „Иднината е водена палата“ (Tomorrow Is A Water Palace) на режисерката Хуанита Онзага (Juanita Onzaga).

По филмската проекција на отворањето, во 23 часот, концерт ќе одржи групата „Баклава“, која ќе изведе песни од својот репертоар, но и новите песни посветени на Скопје.

Земја во фокус оваа година е Чешка Република и ќе бидат прикажани осум нови документарни филмови, а програмата ќе биде отворена на 19 август (петок) во Куршумли-ан со филмот „Рене – затвореник на слободата“ (Rene – The Prisoner of Freedom) на почесната гостинка Хелена Тшештикова (Helena Treshtikova), мајката на „тајм-лапс документарецот“, која ќе биде присутна на проекцијата, а следниот ден (20 август) ќе одржи и мастерклас во „Europe House Скопје“ за тоа како ги развива своите идеи и како ги доведува до целосно филмско дело.

Меѓу значајните сегменти на фестивалот се „Разговорите под смоквата“, кои ќе се одржуваат секој ден од 19 до 25 август, во 18 часот, во Куршумли-ан. На 21 август, во 12 часот на пладне, ќе биде отворена фото-изложбата „Спојка“ на Доријан Миловановиќ.

За време на фестивалот ќе се одржи вториот дел од едногодишната работилница „Докуникулци“, на која учествуваат 10 млади од целата држава, како и неколку концерти и диџеј-сетови.

Дизајнот на плакатот за 13. „МакеДокс“ е на Самир Карахасан.

Промотивна објава

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Утре дружење со Билјана С. Црвенковска во ТРИ

Редакција

Холивудскиот филм „Пајни: Oсамената елка“ на кој работеше македонското студио „В Хаус анимејшн“ со премиера во Лос Анџелес 

Редакција

Средношколци фармацевти од Кавадарци изработија спрејови за кожа, ќе ги подарат на жени вработени во училиштето и на сограѓанки

Редакција