Слободен печат објави дека 24-годишна мајка на две деца од радовишкото село Тополница минатата среда ги заклучила децата во соба и излегла во полското веце во дворот од куќата каде се самоубила со пиење отров.
Пред да си го одземе животот, таа снимила видео порака која според Слободен печат укажува на психолошка тортура и можни други видови на насилство. Весникот ја добил видео пораката во која што жената моли да се обелодени се и да не се остава работата туку така.
„Сега ќе ви откријам нешто, кој е причината за ова, кој е причината што ќе посегнам по својот живот, кој ја донесе работата до овој степен. Сега ќе ги кажам (наведува шест машки имиња). А супстанцата со која ќе посегнам по мојот живот ми ја даде (наведува име).
Тие секогаш ме вознемируваат, постојано ме вознемируваат. Не можам да излезам од дома, до тоалетот не можам да одам. Тие ме примораа на ова. Има и многу други, ама не знам кои се. Ве молам не ја оставајте оваа работа, обелоденете се“, се вели во видеото.
Самоубиството за весникот го потврдиле од МВР, а жената била закопана следниот без обдукција.
Според Слободен печат мажите за кои жената обвинува дека се причинители за таа да посегне по својот живот се познати на членови на нејзиното семејство. Жената живеела со сопругот и двете деца во куќа во селото, а како што тврди во видеото, не и било дозволувано ниту да оди до тоалетот кој се наоѓал надвор во дворот.