Пет функционери истовремено извршувале две функции, 38 не поднеле анкетен лист

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), по последната проверка во административната алатка за електронско поднесување изјави за имотна состојба и интереси, утврдила дека пет лица истовремено извршуваат две функции, информираа од таму.

Поради тоа, за овие лица ќе бидат оформени предмети, при што по утврдување на фактичката состојба, доколку се утврди дека се работи за неспоиви функции, од нив ќе биде побарано да се откажат од една од функциите што ги извршуваат.

Истовремено, ДКСК ќе иницира прекршочни постапки за прекршок согласно со член 44 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, казнив согласно со член 105 од истиот закон.

Исто така, ДКСК, по извршената проверка на изданијата на „Службен весник на Република Северна Македонија“ за месец март 2026 година, како и по увидот во својата евиденција, утврдила дека вкупно 38 лица, кои во текот на месец март 2026 година биле избрани, именувани или разрешени од функција, не ја исполниле законската обврска за поднесување изјава за имотна состојба и интереси до ДКСК во законски утврдениот рок.

Против овие лица ДКСК ќе иницира постапки за сторен прекршок согласно со член 82 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, казнив согласно со член 109 од истиот закон.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести