Пад на поддршката за евроинтеграциите, перцепција за висок степен на корупција, слаба доверба во институциите, недостиг на владеење на правото и голема партизација во општеството, покажуваат резултатите од анкетното истражување „Еврометар 2022“, спроведено од 12 до 27 декември минатата година во телефонска анкета врз репрезентативен примерок од 1.006 испитаници од страна на „Брима“ за потребите на Центарот за европски стратегии „Евротинк“.
Вкупно 61 процент од испитаниците сметаат дека во земјава нема демократија, 72 отсто сметаат дека државата се движи во погрешна насока, а според 71 отсто од нив институциите лошо ја водат борбата против корупцијата.
Најголема доверба граѓаните имаат во Армијата, за што се изјасниле од 39 отсто од испитаниците, потоа следат религиските институции со 32 отсто и полицијата со 21 отсто.
Најмала доверба од само 6 отсто граѓаните имаат во судството, по што следи обвинителството со 7 отсто.
Александар Стојановски од „Евротинк“ оцени дека се забележува пад на граѓаните што изразуваат доверба во институциите.
– Во 2020 година во Армијата верувале 63 проценти од испитаниците, во 2022 година само 39 проценти. Кај претседателот довербата во 2020 година била 37 проценти, а во 2022 година 18 проценти. Низ годините граѓаните во помал процент ја изразуваат довербата и генерално кај сите институции има пад на довербата, посочи Стојановски.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
За македонските граѓани најголема закана за Македонија е Бугарија, покажува „Еврометар 2022“
МИА