Група граѓани, на насилен и вандалски начин оневозможија одржување на Јавна презентација за Предлог ДУП – от ЈО3 Блок 7, за делот околу Трнодол, соопшти општина Карпош.
„Нападнат е службеник на Општина Карпош, а направена е и материјална штета во просториите на УЗ „Кузман Јосифовски Питу“. Група на граѓани, уште на самиот почеток свесно и со намера сакаа да предизвикаат инцидент.
Општина Карпош целиот процес го води транспарентно. Токму затоа, го продолжи временскиот рок на спроведување на Јавната анкета која ќе трае 11 дена, и покрај тоа што законскиот минимум е пет дена. Во интерес на граѓаните, локалната самоуправа наместо до 15:30, го стави на увид новиот предлог ДУП, секој работен ден од 08:00 до 18:00 часот, каде карпошани преку пополнување на анкетни листови можат да ги дадат и своите сугестии.
Во изминатиот период, службите и градоначалникот Стефан Богоев одржаа средба со засегнатите граѓани, на која се постигна согласност за сите суштински работи. Исто така, постојано се информираа и медиумите за овој Предлог ДУП, а се одржа и брифинг со новинари.
Очигледна е намера на одредена група граѓани, од политички или други побуди да прави кризни ситуации во Трнодол. Локалната самоуправа ќе продолжи со отворениот пристап“, велат од општината.
Инаку, граѓаните на Трнодол подолг период реагираат околу носењето на новиот ДУП со образложение дека не сакаат изградба на згради во нивната населба.
Градоначалникот Богоев вчера соопшти дека нема насилно носење нов ДУП и дека над Трнодол нема да се гради нова населба.
„Јас како градоначалник на Општина Карпош имав средба со седум претставници од населбата, на која присуствуваше и претставник од Град Скопје, како и стручни лица од Општината. Од таа средба произлегоа и барања на граѓаните кои ние ги прифативме, а за сето тоа постои и уреден записник.
Сите граѓани кои ќе градат согласно позитивните законски прописи, се должни да направат геомеханички истражувања на земјиштето, и доколку има потреба да постават шипови ( бетонски статички конструкции), за да се направи стабилизација на земјиштето“, нагласи Богоев.
Тој додаде дека локалната самоуправа во изминатиот период максимално транспарентно и јавно го презентирала овој ДУП, и ги повикува граѓаните да не веруваат на политички конструкции и манипулации пласирани од поединци поради нивни лични или партиски мотиви.
Фото: Општина Карпош