еМагазин
Image default
Балкан

По повеќе од 20 години најава за авионска линија Приштина-Белград

Косовскиот претседател Хашим Тачи го поздрави најавеното отворање на авиолинијата Приштина – Белград, оценувајќи дека тоа претставува „чекор напред во напорите за нормализација на односите меѓу Република Косово и Србија“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Авторитетот на цивилното воздухопловство на Косово (ААЦ) прими вчера, на церемонија во амбасадата на САД во Берлин, писмо со намери од авио-компанијата Луфтханза за отворање авионска линија меѓу главните градови на Косово и на Србија.

Косовскиот претседател преку објава на Фејсбук им се заблагодари за придонесот за постигнување на договорот на амбасадорот на САД во Германија, Ричард Гренел и на советникот за национална безбедност на американскиот претседател, Доналд Трамп, Роберт О‘Брајан, кој исто така присуствуваше на церемонијата во Берлин.

– Секако дека овој настан претставува нов чекор во нашите напори за нормализирање на односите меѓу Република Косово и Србија. Затоа, од името на државните институции и на нашите граѓани, им изразувам длабоко признание на амбасадорот на САД во Берлин, Ричард Гренел и советникот за национална безбедност на претседателот Трамп, Роберт О‘Брајан, за нивниот придонес за овој договор, кој се очекува да го олесни слободното движење на луѓето и стоките во иднина, напиша Тачи.

Претходно, генералниот директор на косовскиот ААЦ, Есат Бериша изјави дека настанот претставува нов чекор напред во заложбите на косовските институции „за целосна нормализација на воздушниот простор на Косово и отворање воздушни коридори со сите околни држави“.

– Со ова се воспоставува контактот меѓу двата авторитета на цивилното воздухопловство, меѓу Косово и Србија како рамноправни партнери, изјави Бериша.

Покренувањето на иницијативата за авиолинија меѓу главните градови на Косово и на Србија приштинските медиуми ја оценија како „прв успех“ на американскиот амбасадор во Германија, Гренел, кого пред неколку месеци Трамп го именува за свој посредник во преговорите меѓу Приштина и Белград.

Авионскиот сообраќај меѓу Приштина и Белград е прекинат пред повеќе од 20 години, односно на крајот од војната во 1999 година.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

За еден ден: Драстичен раст на бројот на заболени со корона вирусот во Грција на 190 лица

Редакција

За српската опозиција договорот од Охрид е предавсто, измама на граѓаните и отварање на патот кон Голема Албанија

Редакција

Ќе биде ли нов премиер на Бугарија, шоуменот и музичар Слави Трифонов?

Редакција