Собранието на доверители ја прифати иницијативата за реорганизација на компанијата „Бетон“ – Штип кој беше втор по големина градежен играч во земјава.
На денешното извештајно рочиште присуствувале 85 отсто од најголемите доверители, а за реорганнизација позитивно гласале 99 отсто од нив.
Во Основниот суд – Штип на Собранието на доверители, стечајниот управник Живко Калков истакнал дека побарувањата на доверителите се непромнети, односни дека побаруваат една милијарда денари.
Од Основниот суд – Штип за МИА брифираат дека стечајниот управник Калков треба да достави Предлог план за реорганизација на Бетон во рок од 30 дена.
Постојат повеќе начини за реорганизација на „Бетон“, но откако ќе се презентира предлогот, Собранието на доверители на следна седница треба да се изјасни дали ќе ја прифати понудената реорганизација на оваа компанија.
Доколку се изјасни за реорганизација, целата постапка за затворање на стечајната постапка за „Бетон“ треба да се одвива два месеца, почнувајќи од денеска. Новото друштво може да го задржи старото име, но ќе има нов даночен број.
МИА и претходно информира дека четири компании се најголеми доверители. Прва на листата е Балкан груп констракшн со 27,65 проценти од вкупно утврдените побарувања, потоа ТИМ Доо Скопје и Орка Холдинг со по 16,76 отсто од побарувањата и ИСЦ груп ДОО со 2,75 проценти.
Според направениот попис, имотот на штипски „Бетон“ и неговите удели се вредни една милијарда денари. Анализите покажуваат дека недвижниот имот на градежната компанија „Бетон“ е ставен под хипотеки кај банките.
МИА