Жител на шарпланинското село Лисец во тетовската полиција пријавил дека бил нападнат од мечка, а се спасил од смрт со тоа што, според него, реагирале неколкуте кучиња со кои чувал овци на бачило.
Невобичаениот настан се случил вчера во текот утрото, а кај 52-годишникот нема поголеми повреди.
–Вчера 13:20 часот во полициската станица Тетово Г.Ј (52 ) од Лисец пријавил дека околу 10 часот на бачило во месноста Рах каде напасувал свое стадо овци бил нападнат и повреден од мечка.
Според неговите кажувања тој бил застанат на височина и кога забележал дека има мечка која се упатила кон него почнал да бега кон нагорнината. Мечката го стигнал и го оборила, со што го повредила, но при тоа реагирале неколкуте кучиња и мечката избегала.
Во болница му констатирале полесни повреди по што бил пуштен на домашно лекување. Потоа дошол и во полициска станица да го пријави случајот, информираше денеска портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.
Летово ова е не прв случај граѓани да алармираат за присуство на мечка. На 21 август жители на Тетово успеале да фотографираат мечка во планинскиот предел во правец кон месноста Бањиче и долж патот Бродец-Шипковица.
Фотографиите се споделуваа на социјалните мрежи со предупредување за внимателност сметајќи дека ова диво животно во чести случаи знае и да нападне луѓе.
Мечките во Македонија со законот за ловство од 1996 се трајно заштитен дивеч кој не смее да се лови.
МИА/Фото: Фејсбук/МИА