Тројца новозаразени со Ковид-19 се регистрирани во последното деноноќие во Дебар, што е идентична бројка на новозаразени со онаа од пред два дена.
-Со последно дијагностицираните три случаи само овој месец имаме 24 новозаразени. Повеќе од јасно е дека ќе има и нови случаи, ако се има во предвид бројот на лицата кои се јавуваат во Општата болница во Дебар со симптоми на опасниот вирус. Секако тука е и масовното непочитување на мерките за заштита, посебно од страна на младата популација, велат од Центарот за јавно здравје во Дебар.
Оттаму посочуваат дека и покрај апелите групирањето на младите, посебно во кафулињата продолжува, „свесни или несвесни дека од таму вирусот го пренесуваат кај нивните родители, баби и дедовци кога се враќаат во домовите“.
Вкупната бројка на заразени во општините Дебар и Центар Жупа, кои со својата активност ги покрива оваа единица, сега изнесува 275, од нив во списокот на оздравени се внесени 221, починати се 14 лица, а активни на болеста се 40.
Полициската статистика покажува дека во последното деноноќие на ова подрачје издадени се четири прекршочни платни налози за неносење заштитна маска.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Единаесет новозаболени од Ковид-19 во Куманово
МИА/Фото: Општина Дебар