Вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија, во перидот јануари ‒ август 2020 година, изнесува 3,8 милијарди американски долари и бележи пад од 18,1 отсто во однос на истиот период од претходната година, соопшти Државниот завод за статистика.
Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 5,2 милијарди американски долари, што е за 15,6 отсто помалку во споредба со истиот период од претходната година.
Трговскиот дефицит, во перидот јануари ‒ август 2020 година, изнесува 1.335.699 илјади американски долари,објави Државниот завод за статистика..
Покриеноста на увозот со извоз, во перидот јануари ‒ август 2020, изнесува 74,4 отсто.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот е најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел).
Во увозот се најмногу застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.
Во периодот јануари ‒ август 2020 година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Кина.