Министерството за образование и наука (МОН) информира дека од вчера започна аплицирањето за стекнување на правото на ученичка стипендија во учебната 2020/2021 година.
Конкурсите се објавени на интернет страницата на МОН, а крајниот рок за поднесување на документите е 9 ноември.
Покрај вообичаените категории на стипендии кои беа достапи досега: стипендии за социјална поддршка на ученици, стипендии за талентирани ученици, за талентирани ученици спортисти, за деца без родители, за ученици со посебни потребни, за ученици запишани во ДСУ „Спортска академија”, стипендии за ученици Роми и за ученици од угостителско – туристичката струка, за оваа учебна година Министерството за образование и наука обезбеди и неколку дополнителни категории на стипендии за учениците од средното стручно образование.
Можност за аплицирање за стипендија имаат и учениците од машинска, земјоделско-ветеринарна, текстилно-кожарска, електро-техничка и градежно-геодетска струка. Изборот на овие струки е направен врз основа на истражување за потреба од вештини на пазарот на трудот во Република Северна Македонија за 2020 година, спроведено во соработка со Агенцијата за вработување.
„Резултатите покажаа исклучителен недостиг на одреден тип на кадар особено за потребите на приватниот сектор, како машински техничар, градежен техничар, електротехничар, келнер, готвач, ракувач со градежни машини, металостругар и заварувач, така што стипендиите се дополнителна стимулација на веќе запишаните ученици максимално да се заложат во градењето на сопствените капацитети и стручни компетенции, но и мотив за избор на средното стручно образование од страна на идните генерации средношколци“, велат од МОН.
Новина во процесот на доделување ученички стипендии оваа година е тоа што на сите кандидати им се дава можноста да одберат својата апликација заедно со сите потребни документи да ја достават или хартиено преку архивата на МОН, или пак, да аплицираат електронски преку интернет платформата www.konkursi.mon.gov.mk.
Кандидатите кои ќе аплицираат електронски, немаат обврска да ги достават документите хартиено и обратно – учениците кои поради каква било причина немаат можност или нема да одберат да аплицираат електронски, ги доставуваат документите само хартиено во МОН, а апликацијата ќе се смета за валидна и ќе биде предмет на разгледување од надлежните комисии.
„Дополнително, покрај конкурсите за доделување ученички стипендии, информираме и дека во тек е Конкурс за поврат на средства за купен музички инструмент за учебната 2020/2021 година, со кој на 25 ученици, запишани во државните средни училишта во кои се реализираат планови и програми за музичка уметност, а кои ќе ги исполнат конкурсните услови, Министерството за образование и наука ќе им изврши поврат на дел од средствата за купен музички инструмент во висина од 75% од исплатените средства, но не повеќе од 100.000 денари по инструмент. Аплицирањето трае 60 дена од денот на објавата на конкурсот“, информираат од МОН.
За какви било прашања поврзани со аплицирањето за остварување на правото на стипендија, односно финансиска поддршка за купување музички инструмент, Министерството за образование и наука им стои на располагање на учениците. Контактите на вработените во Секторот за ученички и студентски стандард, како и на сите останати вработени во МОН се објавени на овој линк линк, а официјалната електронска адреса на министерството е [email protected].