За боледување поради Ковид-19 вработените и во јавниот и во приватниот сектор ќе добиваат 70 проценти од платата за отсуство до седум дена, 80 проценти за отсуство до 15 дена и 90 проценти кога се на боледување над 15 дена. Во првите 30 дена исплатата на боледувањето е на товар на работодавецот, а потоа на Фондот за здравствено осигурување. Ова, како што рече министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска е праведно решение и правично за вработените и во едниот и во другиот сектор.
Таа појасни дека претходно Владата донела одлука на вработените да им се исплаќа 100 проценти од платата за боледување поврзано со Ковид-19 без разлика дали станува збор за изолација заради контакт со позитивно лице, за лица кои се позитивни, но без симптоми и се дома, и лица кои имаат симптоми се лекуваат или дома или во болница.
Но, како што рече, тоа било променето по реакциите дека на ваков начин се дискриминирани вработените во приватниот сектор.
-Ние побаравме да се интервенира и сега испорачавме едно решение сите да бидат изедначени, како во колективните договори за јавен и приватен сектор и Законот за здравствено осигурување кои ги регулираат овие работи.
Не сме направиле ништо, ниту сакаме да оштетиме било кој во државата. Но изедначувањето на вработените од јавен и приватен сектор е правда за сите вработени, рече министерката Шахпаска одговарајќи на новинарско прашање.
МИА