Обединетите нации (ОН) во својот последен извештај наведуваат дека поради пандемијата на коронавирусот минатата година во светот биле изгубени четири пати повеќе работни места отколку во најлошиот дел од светската финансиска криза во 2009 година.
Меѓународната организација на трудот (ИЛО), агенција на ОН, процени дека ограничувањата наметнати врз деловниот и јавниот живот минатата година уништиле 8,8 проценти од сите работни часови ширум светот.
Тоа е еквивалент на 255 милиони работни места со полно работно време, што, пак, е четири пати повеќе отколку за време на финансиската криза од пред 12 години, пренесе агенцијата Анадолија.
-Ова е најлошата криза на работните места од Големата депресија во 1930-те. Нејзиното влијание е далеку поголемо од влијанието на глобалната финансиска криза во 2009 година, вели извршниот директор на ИЛО, Гај Рајдер, додавајќи дека падот е подеднакво распределен меѓу намаленото работно време и загубите на работното место.
Агенцијата на ОН наведува дека повеќето луѓе кои останале без работа престанале да бараат работа, веројатно поради ограничувањата за фирмите што вработуваат голем број работници, како што се рестораните, баровите, продавниците, хотелите и другите услуги што зависат од директната интеракција со клиентите.
Падот на работата доведе до загуба од 3,700 милијарди долари глобален приход, што Рајдер го оцени како „извонредна бројка“.
ИЛО во извештајот наведува дека очекува враќање на работа во втората половина од оваа година, но сето тоа ќе зависи од сузбивањето на пандемијата и вакцинирањето.
МИА