еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ ТОП СТОРИИ

Македонската ТВ-серија „Зоки Поки“ ќе се гледа во Шведска

Наскоро, Швеѓаните ќе се забавуваат со авантурите на култниот македонски лик, Зоки Поки. Десетте епизоди од истоимената ТВ-серија ќе се емитуваат ексклузивно на Шведската национална телевизија „SVT“, односно на нивниот специјализиран канал за детска програма „SVT Barn“, соопштија од продуцентската куќа „Кино Око“.

„SVT“, шведскиот еквивалент на МРТВ, е најшироко распространетата телевизија во Шведска и истата има најголем опсег на програми од сите телевизии во земјата. „Зоки Поки“ е првата македонска серија и воопшто програма од овие простори што некогаш се емитувала на оваа телевизија.

Зоки Поки, Лидија, Гоки и Боки ќе зборуваат на шведски, а преку нивните забавни и поучни искуства ќе се зајакнуваат вредностите на едукација, родова еднаквост, диверзитет и квалитет кон кои се стреми Шведската национална телевизија.

Модерната екранизација на саканата детска книга на писателката Оливера Николова, со која имаат израснато многу генерации, е во продукција на „Кино Око“, во копродукција со Македонската радио телевизија и со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Македонија.

Десетте епизоди од првата сезона на ТВ-серијата премиерно се емитуваа на првата програма на МРТВ во периодот од мај до јуни 2020 година. Снимањето на втората сезона е сѐ уште во неизвесност.

„Многу сум среќен што серијата „Зоки Поки“ ги задоволи високите скандинавски стандарди за детска програма. Ова е доказ за универзалноста на серијата и на темите кои ги обработува и кои се интересни за децата од целиот свет.

Со ова се потврдува вредноста на вонвременското дело на писателката Оливера Николова и за квалитетот на македонските филмски автори. Прикажувањето на серијата на Шведската национална телевизија е голем успех за „Кино Око“ и за македонската продукција.

Во преговори сме за прикажување на серијата во Норвешка, Хрватска, Србија и Словенија. Но, и покрај големиот интернационален успех и популарноста во Македонија, сепак е неизвесно снимањето на втората сезона. Се надевам дека оваа вест ќе биде дополнителен мотив за финансиска поддршка на втората сезона од серијата“, изјави продуцентот Роберт Насков.

Режисерот Александар Поповски вели дека приказната за Зоки Поки има во себе еден по малку заборавен свет на вредности кои во нашето детство беа наше секојдневие.

„Една топлина кога верувавме дека надворешниот свет е најсигурниот и најубавиот свет во кој секое дете има некое свое место. Првата сезона покажа дека публиката и децата ги препознаа овие вредности и дека навистина вредеше да се направи овој проект. Сега многу зависи од сите нас дали оваа идеја ќе продолжи да живее понатаму.

Навистина чувствувам потреба да кажам дека ќе биде голема грешка доколку тука застанеме и не направиме вистински серијал од повеќе сезони. „Зоки Поки“ може да биде голема инвестиција не само во телевизискиот, туку и во едукацискиот и емотивниот свет кој толку многу ни недостасува“, вели Поповски.

Главните улоги во серијата ги толкуваат Матеј Настевски (Зоки), Анастасија Аневска (Лидија), Матео Матоски (Боки) и Матеј Зимбаков (Гоки). Покрај детската екипа, во серијата играат и Сашко Коцев и Даниела Иваноска, кои ги глумат родителите на Зоки и Сабина Ајрула-Тозија, во улогата на неговата баба.

Режисери на серијата се Александар Поповски, Марија Апчевска, Даријан Пејовски и Радован Петровиќ.

Сценаријата за серијата се на Сашо Кокаланов и Билјана Црвенковска.

Фото: Кино Око

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Нови 44 случаи на Ковид-19, оздравени 47, нема починати

Редакција

Брз PCR тест за Ковид-19 со бесплатен превод во Клиниката „Жан Митрев“

Редакција

Пациентите со цистична фиброза побара државата веднаш да обезбеди средства за терапија за болеста

Редакција