Кристијан Рамадан, професор по молекуларна медицина од Универзитетот во Оксфорд, изјави дека се појавила нова мутација на британскиот вид на коронавирус – супер вид.
Британскиот вид е откриен во декември 2020 година и во изминатиот еден месец стана доминантен вид, бидејќи над 50 отсто луѓе се заразени од него.
– Откриено е дека овој британски вид има мутација која потекнува од јужноафриканскиот вид. Сега имаме нов супер британски вид со мутација од Јужна Африка, што може да избегне имунолошки одговор, истакна Рамадан.
Тој додаде дека Британија го вакцинира своето население со голема динамика и досега се имунизирани 13 милиони луѓе. До средината на овој месец се очекува да бидат вакцинирани околу 15 милиони жители.
Што се однесува до вакцината на „АстраЗенека“, Рамадан нагласи дека таа е подеднакво ефикасна како и останатите вакцини, а најновите податоци покажуваат дека таа вакцина штити и создава еднаков имунитет кај сите возрасни групи.
– Најновите клинички испитувања покажуваат дека „АстраЗенека“ создава имунитет веднаш по 20 дена во 76 отсто од случаите кои ја примиле првата доза, а по втората доза штити и до 85 проценти од случаите, објаснува професорот.
На прашањето дали појавата на новиот вид најавува трет бран на епидемијата, Рамадан истакна дека тоа ќе зависи од рестриктивните мерки.
МИА