еМагазин
Image default
Бизнис

Народна банка: Домашната економија со поповолни движења, поумерени негативни ефекти од пандемијата

Девизните резерви се во сигура зона, а расположливите податоци за последниот квартал од 2020 година упатуваат на поповолни движења во домашната економија, оценува Народната банка во новиот извештај за макроекономските показатели.

„Последните макроекономски показатели и оцени упатуваат на одредени отстапувања во однос на проектираната динамика, но согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се главно непроменети во однос на претходните оцени.

Девизните резерви и натаму се во сигурната зона.

Остварувањата заклучно со крајот на 2020 година се подобри од очекувањата, а остварувањата заклучно со јануари ја одразуваат динамиката на раздолжување на државата кон странство и сѐ уште слабата понуда на девизи поради пандемијата.

Падот на економската активност во првите три квартали од 2020 година е во рамките на очекувањата од октомвриските проекции, при значително забавување на падот на бруто домашниот производ (БДП) во третиот квартал.

Расположливите високофреквентни податоци за последниот квартал од 2020 година упатуваат на поповолни движења во домашната економија во споредба со претходниот квартал и на натамошно забавување на падот на БДП, согласно со очекувањата“, стои во информацијата на Народната банка.

Во однос на инфлацијата, наведуваат дека остварувањата во јануари 2021 година се во согласност со проектираните, при што и натаму е нагласена неизвесноста од движењето на светските цени на примарните производи во следниот период и нивното влијание врз домашните цени, согласно со сѐ уште неизвесните економски ефекти од пандемијата на Ковид-19.

Во рамките на монетарниот сектор, годишниот раст на депозитите во декември е над проектираниот за четвртиот квартал на 2020 година, со октомвриската проекција, додека годишниот раст на кредитите е во рамките на проектираното ниво.

Во информцијата стои дека во првите три квартали на 2020 година, во просек, економијата бележи реален пад од 5,9 отсто, што е во согласност со очекувањата.

„Тековно расположливите високофреквентни податоци за четвртиот квартал од 2020 година упатуваат на поповолни движења во домашната економија и поумерени негативни ефекти од здравствената криза во споредба со претходниот квартал, во услови на релативно брзо закрепнување на производството и извозот вклучени во глобалните синџири на снабдување, постепено приспособување на однесувањето и навиките на субјектите кон новонастанатата состојба, како и примена на целни и помалку рестриктивни мерки за справување со вториот бран на Ковид-19 и мерки за поддршка на економијата“, велат од НБ.

Според Народната банка, податоците за овој период, во просек, покажуваат натамошно забавување на годишниот пад на индустријата (во декември беше забележан и годишен раст, првпат од појавата на пандемијата) и на прометот во вкупната трговија, како и забрзување на растот во градежништвото, при натамошни неповолни движења кај прометот во угостителството.

Во однос на промените кај потрошувачките цени, стои во информацијата дека остварената годишна стапка на инфлација во јануари 2021 година од 1,9 отсто и е во согласност со очекувањата според октомвриската проекција.

Девизните резерви (приспособени за ценовните и курсните разлики и ценовните промени на хартиите од вредност) на крајот од 2020 година изнесуваa 3.359,9 милиони евра, што претставува годишен раст од 98,4 милиони евра кој во најголем дел произлегува од трансакциите за сметка на државата, поконкретно од задолжувањето на државата во странство, додека Народната банка интервенира на девизниот пазар со нето-продажба на девизи.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Гранит“ потпиша договори со ЈП за државни патишта вредни 10 милиони евра

Редакција

„Триглав осигурување“ ја зголеми добивката

Редакција

„Македонски телеком“ и „Оне.Вип“ во тесна трка на пазарот на мобилна телефонија

Редакција