еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ

Голем интерес на отворениот повик за илустрации за проектот „Современи бајки од Македонија“

Голем интерес помеѓу илустраторите и дизајнерите за учество на отворениот повик за изработка на креативни илустрации за најновиот проект „Современи бајки од Македонија“ на Движењето за креативност Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“ и издавачката куќа „Арс Ламина“.

Остануваат уште четири дена до затворањето на конкурсот – 20 март 2021 година, а се очекува финалната бројка на учесници да се зголеми од досега пристигнатите, бидејќи секој ден пристигнуваат нови апликации.

Вкупниот фонд за награди изнесува 140.000 денари или 35.000 денари поединечно за секоја од четирите сликовници.

Сите заинтересирани кои сакаат својата креативност да ја изразат преку илустрации наменети за најмладите се уште можат да ги испратат своите пријави најдоцна до 20 март 2021 година на е-адресата [email protected].

Пријавите ќе се сметаат примени по доделена шифра од страна на администратор. Кандидати анонимно учествуваат до првата селекција на пристигнати решенија, по што може да бидат повикани на лична презентација за планираниот пристап и работата кон целата едиција на бајки, доколку решението биде наградено.

Отворениот повик за илустратори и дизајнери е втората етапа од проектот „Современи бајки од Македонија“, а илустрации ќе се работат за четирите победнички бајки: „Перуника“ од авторот Сибо, „Бакнежот на пролетта“ од авторката Елизабета Баковска, „Сончевото момче Ил“ од авторката Катерина Данаилова и „Осаменото дрво“ од авторката Нина Максимова.

По изборот на четири победничките бајки од пристигнати 442 бајки од 316 автори, следеше и овој отворен повик за илустратори и дизајнери, со што „Современите бајки од Македонија“ овозможуваат писателите и илустраторите да го изразат својот автентичен креативен потенцијал и да создаваат современа македонска култура.

Текстовите на бајките можат да се најдат на следниот линк: arslamina.com/bajki2021.

Пристигнатите решенија ќе ги разгледува жири-комисија составена од претставници на Движењето за креативност Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“, претставници на издавачката куќа „Арс Ламина“ и надворешни членови (експерти од областа).

Конкурсот за „Современи бајки од Македонија“ следи по големиот успех на претходните проекти „Бајки од Македонија“, „Бајки од Македонија за цела година“ и „Басни од Македонија“ кои постигнаа голем успех, а дел од нив се преведени на седум јазици, Брајово писмо, наградувани во светот и дома и се едни од најпродаваните книги за деца кај нас.

Отворен повик – услови за учество

Дизајнерска задача

Задолжителни елементи:

Потребно е да се изработат целосно колорни илустрации за корица (насловна илустрација) и најмалку една внатрешна страница, за една бајка од понудените четири, по избор на илустраторот.

Потребно е да се осмислат и илустрираат автентични ликови и нивни карактери, соодветни на содржината на избраната бајка.

Илустрациите треба да бидат оригинални – авторско дело на илустраторот / дизајнерот.

Илустрациите треба да бидат изработени наменски за проектот и досега да не се користени за никаква друга намена.

Во сите илустрации да се задржи истиот авторски стил.

Илустрациите да бидат соодветни за сликовница наменета за деца од раноучилишна возраст.

Победникот ќе има обврска целосно да ја илустрира сликовницата за која е награден, вклучувајќи внатрешни и надворешни страници, по што ќе биде исплатена наградата во вкупниот износ.

Опционални елементи:

Останати креативни решенија кои можат да бидат имплементирани на местата за продажба или алтернативно огласување.

Технички спецификации

Формат на сликовницата: 210 х 210 mm

Илустрации: векторски формат или .tiff, минимум 300 dpi, и .jpg или .png (за преглед)

Насоки за доставување на предлозите

Предложените креативни решенија се доставуваат електронски на [email protected], најдоцна до 20 март 2021 година.

Предложените решенија треба да се вклопат во .ppt презентација до 5 MB, може да се достави и pdf документ.

Заедно со решенијата, треба да се испрати и телефонски број за контакт.

Правила за учество

Секој пријавен кандидат треба да е државјанин на Република Македонија, и со поднесувањето на пријавата се смета дека ги прифаќа следниве услови за учество:

Организаторите на конкурсот имаат право да ги изложуваат на јавни настани креативните решенија (илустрации) поднесени од сите кандидати, со цел популаризирање на креативноста и проектот „Бајки од Македонија“.

Организаторите се обврзуваат при изложувањето да го означат името на кандидатот кој го изработил решението.

Вкупниот награден фонд е 140.000 денари нето (односно 35.000 денари по сликовница).

Кандидатот чие креативно решение (илустрација) ќе биде наградено, се согласува 20 % од вкупната награда да му биде исплатена веднаш, а останатиот дел по завршување на работата – илустрирање на сликовницата/сликовниците.

Кандидатот чие креативно решение (илустрација) ќе биде наградено, ги отстапува материјалните авторски права на организаторите.

Секој кандидат гарантира за оригиналноста на идејното/графичкото решение и ја презема целосната материјална и нематеријална одговорност за истото.

Секој кандидат може да предложи повеќе решенија за една или за повеќе бајки.

Доколку повеќе кандидати го работат решението, еден од нив треба да биде назначен за носител на проектот.

Организаторите на конкурсот го задржуваат правото да одлучат колку илустратори ќе бидат избрани / наградени (од еден до четири) и дали еден илустратор ќе изработи една, две, три или сите четири сликовници.

ПРОМОТИВНА ОБЈАВА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(ВИДЕО) Младиот херој Марко Пејчиноски за 14 часа по втор пат го преплива Охридското езеро

Редакција

Убава вест: Првпат во државава, пациент на 37 годишна возраст со Ковид-19 тргнат од респираторна машина

Редакција

Децата во градинките ќе се хранат со домашни праски, сливи, круши и јаболка

Редакција