еМагазин
Image default
Свет ТОП СТОРИИ

Што знаеме за вакцината „АстраЗенека“ и колкав е ризикот?

Франс Прес

Прашањата за тоа дали ретките, но сериозни случаи на згрутчување на крвта се почести кај оние кои добиле “АстраЗенека“, отколку кај општата популација и, ако е така, што ги предизвикува и понатаму ја нарушуваат довербата во вакцината, пишува Франс Прес пред новата проценка на Европската агенција за лекови (ЕМА) оваа недела.

Европската агенција за лекови (ЕМА) заклучи дека придобивките од оваа вакцина ги надминуваат ризиците и дека треба да продолжи да се користи, а таа институција ќе објави ажурирана проценка деновиве.

Што е заклучено?

Згрутчувањата на крвта што се случило кај луѓето по вакцинирањето со “АстраЗенека“, Француската агенција за лекови (АНСМ) ги опишува како „многу атипични“.

„Оваа тромбоза на големите вени е невообичаено лоцирана во мозокот, па дури и поретко, во дигестивниот систем“, коментира агенцијата.

Исто така, се поврзува со состојба која се карактеризира со абнормално ниско ниво на тромбоцити во нашата крв, чија улога е да формираат згрутчување за да запрат или да спречат крварење.

Германската агенција за регулација на лекови, Институтот Пол Ерлих (ПЕИ), во средината на март стана првата национална агенција што зборуваше за зголемен број случаи со овие ретки згрутчувања на мозокот, претежно кај жени од помлада и средна возраст.

Некои специјалисти упатуваат на таканаречената дисеминирана интраваскуларна коагулација (ДИЦ) во која се формираат тромби низ целото тело.

Состојбата, која се јавува и во екстремни случаи на сепса, вклучува „и тромбоза и хеморагија“, изјави за француски Франс Прес, Одил Лоуне, член на научно тело што ја советува владата во Париз.

Поврзаност со вакцината

„Каузална врска со вакцината не е докажана, но тоа е можно и понатамошната анализа продолжува“, објави ЕМА минатата недела. Агенцијата повторно ќе разговара за ова прашање помеѓу 6 и 9 април.

Другите експерти се појасни за симптомите на британско-шведската вакцина.

– Мора да престанеме да шпекулираме дали има поврзаност или не – сите овие случаи покажуваат симптоми три до десет дена откако биле вакцинирани со „АстраЗенека“, изјави за норвешката телевизија Пал Андре Холм, шеф на тимот на Националната болница во Осло, кој се занимава со овие случаи .

– Не најдовме други активирачи, додаде тој.

Норвешката агенција за лекови ја поддржа проценката, а еден од нејзините водечки луѓе, Стеинар Мадсен, рече дека „веројатно има поврзаност со вакцината“.

Француски АНСМ на крајот објави дека постои „мал“ ризик од „многу невообичаен вид на тромбоза со сличен клинички профил и иста временска рамка“.

Колкав е ризикот?

До 31 март, ЕМА идентификуваше 62 случаи на церебрална тромбоза на венските синуси (ЦВСТ) во цел свет, од кои 44 беа во Европа каде беа дадени 9,2 милиони дози на „АстраЗенека“, пишува Франс Прес.

Со смрт резултираа 14 од тие случаи, иако не може конечно да се поврзат со овој редок вид тромбоза, рече минатата недела Емер Кук, шефица на ЕМА.

Во Германија, пријавени се 31 сомнителни случаи на ЦВСТ. Пад на бројот на тромбоцити бил откриен и кај деветнаесет од нив, а девет лица починале, објави Институтот Пол-Ерлих.

Германците вакцинирале 2,8 милиони луѓе, што значи дека има нешто повеќе од еден случај на такви несакани ефекти на 100.000 дози.

За Франција, стапката е 12 случаи и четири смртни случаи со 1,9 милиони дози, а во Норвешка пет случаи и три смртни случаи со 120.000 дози.

Велика Британија, која вакцинираше повеќе жители од која било држава со „АстраЗенека“, со 18,1 милиони дози, до саботата имаше 30 случаи на згрутчување, од кои седум завршија со смрт.

Но, како што е случај со сите лекови, ризиците мора секогаш да се мерат според нивните придобивки.

– Секој би сакал да има лекови што се 100 отсто безбедни, но тоа едноставно не постои, рече Адам Фин, професор по педијатрија на Универзитетот во Бристол, коментирајќи ги новите забрани за вакцините „АстраЗенека“ во Германија и на други места.

„Во моментов, најголемиот ризик во светот за нашите животи е Ковид-19“, додаде Фин.

– Треба да останеме фокусирани на потребата да се спречи оваа болест да однесе милиони други животи пред да биде ставена под контрола, а единствениот ефикасен начин да се направи тоа е преку вакцинација.

ЕМА е на истот став.

„Придобивките од вакцината „АстраЗенека“ во спречувањето на Ковид-19, заедно со неговиот ризик од хоспитализација и смрт, ги надминуваат ризиците од несакани ефекти“, соопшти Агенцијата на 31 март.

Фактори на ризик?

Повеќето случаи на церебрална тромбоза се случиле кај помлади од 65 години, но не е можно да се извлечат какви било заклучоци за возраста, бидејќи вакцината во најголем дел, досега се даваше на помлади жители.

Фактот дека повеќето случаи се пријавени кај жени потенцијално го одразува само фактот дека меѓу здравствените работници, на кои им е даден приоритет за вакцинација, мнозинството се жени, пишува Франс Прес.

„Во моментов, проверката не идентификуваше ниту еден специфичен фактор на ризик, како што се возраста, полот или претходните нарушувања на коагулацијата во медицинската историја“, соопшти ЕМА.

И покрај тоа, откако некои држави ја паузираа вакцинацијата со „АстраЗенека“ во средината на март, некои држави го сторија тоа повторно.

Минатата недела, Германија одлучи да престане да ја користи вакцината за лица под 60 години, а Канада и Франција за оние под 55 години. Шведска не вакцинира лица под 65 години.

„Немаме само една вакцина, имаме неколку“, напиша Сандра Циесек, професор по вирусологија на Универзитетот Гете во Франкфурт, за списанието „Сајанс“.

„Затоа, за мене има смисла ограничувањето на употребата на „АстраЗенека“ на постара популација“.

Норвешка и Холандија направија порадикален чекор и целосно ја прекинаа вакцинацијата со „АстраЗенека“.

Можни објаснувања?

Досега има само хипотези, а ЕМА се очекува деновиве да соопшти кои се најверојатните.

Во студијата објавена на 28 март, која сè уште не ја мина рецензијата, германски и австриски научници укажаа на познат биолошки механизам што може да го објасни зголемувањето на бројот на случаи на атипична тромбоза.

Вакцината „АстраЗенека“, напишаа тие, е поврзана со нарушување на коагулацијата  кое е „клинички слично на тромбоцитопенија предизвикана од хепарин (ХИТ)“.

ХИТ е ретка и сериозна реакција на имунолошкиот систем на тој лек против згрутчување на крвта.

Авторите на студијата, предводени од Андреас Гринахер од Универзитетот во Грајсвалд, предложија име за таа појава, која ја опишуваат како нов синдром: „протромботична имунолошка тромбоцитопенија предизвикана од вакцини“.

Истражувачите од Националната болница во Осло претходно сугерираа дека случаите може да бидат предизвикани од „моќен имунолошки одговор“ на вакцината.

Здружение на француски научници и лекари со име „На страната на науката“, од друга страна, тврди дека имунолошкиот одговор може да се должи на случајно вметнување на игла во вена наместо во мускул во надлактицата.

МИА/Фото: МЗ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

13-годишниот Дарјан Мирчевски освои златен медал на математичката олимпијада “Коперникус” во САД

Редакција

Одземен пасошот на момчето што ја прегази Верица на пешачки премин во Струмица

Редакција

383 нови случаи на Ковид-19, во Скопје дури 201

Редакција