Индустријата на информатико-комуникациски технологии (ИКТ) во земјава, и покрај ковид-кризата, бележи импозантни бројки.
Иднината е во дигитализацијата и затоа државата треба да ги зема предвид барањата на младите инженери, беше заклучокот од денешната средба на членовите на Управниот одбор на Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ) со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
И во време на пандемија, ИКТ компаниите имале континуитет во работењето. Лани регистрирале обрт од околу една милијарда евра, а бројот на вработени бил повеќе од 16.000, што е најмалку десет проценти раст во однос на 2019 година.
„Бројките се навистина добри. ИКТ бележи раст за разлика од другите индустрии. За време на пандемијата имаме континуитет во работата. Немавме големи проблеми, работата од дома за кој инсистираме и натаму да се применува, не придонесе за пад.
Идината е во дигитализацијата. Нашата индустрија треба да оди напред и треба да се има голем обзир кон неа и кон барањата на младите ИКТ инженери,“ изјави претседателката на Управниот одбор на МАСИТ, Анета Антова Пешева по средбата со Мицкоски.
Таа посочи и дека лани се отвориле околу 400 нови компании, а бројот на нововработени се зголемил за 1.200.
„Приходот од работењето е скоро една милијарда евра, што е раст од 12 отсто за една година и големо достигнување. Ова ќе се случеше во секој случај. Дигитализацијата има пораст во целиот свет посебно зашто сите индустрии работат на база на дигитализација поради ковид-кризата,“ рече Антова Пешева.
МИА/Фото: Photo by Burst on Unsplash