Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, кој се сретна утрово со македонскиот претседател Стево Пендаровски, се огласи кусо преку Твитер по состанокот.
„Ја истакнав поддршката за официјално отворање на преговорите за членство и потребата Советот на ЕУ да се согласи за преговарачката рамка.
Важно е Северна Македонија и Бугарија да изнајдат заеднички прифатливо решение,“ напиша Вархеји на Твитер по средбата со Пендаровски.
Претседателот на Северна Македонија престојува во дводневна посета на Брисел каде што ќе има средби во ЕУ и во НАТО.
Тој денеска се сретна со Вархеји како и со специјалниот претставник на ЕУ за западен Балкан, Мирослав Лајчак и со шефот на ЕУ дипломатијата, Јосеп Борел.
За попладне се предвидени средби со претседателот на Европскиот Парламент, Давид Сасоли и со Европскиот Совет, Шарл Мишел.
МИА/Фото: Кабинет на претседател