Раст на бруто-домашниот производ (БДП) од 3,9 отсто годинава и наредната година и 4 отсто во 2023 година, предвидува Народната банка во најновите макроекономски проекции.
Инфлацијата за годинава е проектирана на 2,2 отсто годинава, што е зголемување во однос на претходната проекција, што изнесуваше 1,5 отсто.
-Во согласност со вградените претпоставки за надворешното окружување и домашните фактори, во 2021 година се очекува раст на економската активност од 3,9 проценти што претставува непроменета проекција во однос на октомври.
Во 2022 година ќе продолжи закрепнувањето на економијата со раст од 3,9 проценти (мала нагорна корекција во однос на октомври), а во 2023 година со иста очекувана стапка како во октомври, од 4 отсто, информира на денешната прес-конференција гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска Бежоска.
Таа појасни дека од аспект на структурата на растот, не се направени позначајни промени, така што и во овој циклус на проекции се очекува растот на БДП, оваа и следната година да произлезе од домашната побарувачка, додека нето-извозот да има негативен придонес.
Според гувернерката, кај стапката на инфлација е направена умерена нагорна ревизија за 2021 година во однос на октомвриските проекции, при што тековно се оценува дека таа ќе изнесува 2,2 проценти, за разлика од 1,5 процентиво претходната проекција при нагорни корекции кај надворешните влезни претпоставки во делот на цените на нафтата и храната.
За 2022 и 2023 година и натаму се очекува дека стапката на инфлација ќе се движи околу 2 отсто.
-Очекуваме 2021 година да биде година на постепено закрепнување на домашната економија, односно економски раст од 3,9 отсто, којшто ќе биде поддржан и од банкарскиот систем.
Овој раст нема да доведе до поголеми притисоци врз инфлацијата која се очекува главно да се задржи на умерено ниво, иако се прави умерена нагорна корекција пред сѐ поради раст на увозните цени и кој се оценува како привремен.
Не се проценуваат поизразени платнобилансни нерамнотежи, па оттаму се очекува натамошен раст и одржување на девизните резерви на адекватно ниво. Ризиците за проекциите се оценуваат како претежно надолни и се речиси целосно поврзани со пандемијата и рестриктивните мерки, како кај нас, така и во окружувањето, рече гувернерката Ангеловска Бежоска.
Таа додаде дека Народната банка, со цел поддршка на економијата, во континуитет води олабавена монетарна политика преку намалување на основната каматна стапка, вбризгување дополнителна ликвидност и обезбедување регулаторна флексибилност.
Според неа, Народната банка ќе продолжи со водење на олабавена монетарна политика, бидејќи, како што рече, состојбите на двата фактори кои влијаат на неа – нивото на девизните резерви и инфлацијата, тоа го дозволуваат.
Притоа, гувернерката информираше дека според последните податоци нивото на државните резерви изнесува 4 милијарди евра.
Народната банка проектира и стеснување на дефицитот во тековната сметка до 2,9 отсто од БДП во 2021 година, што, како што појаснуваат во најголем дел се должи на подобрите очекувања кај дознаките, при постепено намалување на негативните ефекти од пандемијата во текот на годината.
Намалувањето се очекува да продолжи и во наредните две години, со што во наредниот двегодишен период (2022-2023 година) дефицитот во тековната сметка ќе изнесува во просек околу 2,1 отсто од БДП.
-По проширувањето на дефицитот на тековната сметка минатата година кога достигна 3,5 отсто од БДП, а кое главно беше резултат на поизразен пад на приватните трансфери, на среден рок се очекува подобрување – просечен дефицит од 2,1 отсто од БДП, што е слично ниво како во преткризниот период.
Подобрувањето кај дефицитот на тековната сметка во 2021 година, главно е резултат на постепено закрепнување на приватните трансфери, кое го компензира проширувањето на трговскиот дефицит (коешто речиси во целост е водено од повисокиот енергетски дефицит, во услови на голем раст на цените на енергенсите), рече гувернерката на Народната банка.
Во врска со очекувањата за јавниот долг, таа вели дека неговиот раст е глобално прашање во услови кога, како што нагласи, била обезбедена фискална поддршка од невидени размери за справување со последиците од пандемијата и економската криза што таа ја предизвика.
Во соседството, нагласи таа, јавниот долг порасна во распон од 10 до 15 процентни поени од БДП.
-Кај нас во услови на експанзивна фискална политика насочена кон поддршка на економијата дефицитот значајно се зголеми минатата година достигнувајќи 8,1 проценти од БДП и следствено имаше пораст на јавниот долг за околу 10 процентни поени од БДП надминувајќи ја границата од 60 проценти и изнесувајќи 62,5 проценти.
Која ќе биде динамиката на јавниот долг на среден рок ќе зависи од тоа како ќе се одвива фискалната консолидација, рече таа.
Народната банка смета дека кредитната активност на банкарскиот систем и натаму е еден од важните фактори за поддршка на економскиот раст. Имено, во текот на 2020 година кредитната поддршка била солидна, а тековните проекции упатуваат на нејзино постепено забрзување во следниот период.
Гувернерката Ангеловска Бежоска најави дека Народната банка и во следниот период ќе продолжи внимателно да ги следи движењата, како и промените во домашните и надворешните услови, и соодветно ќе ја приспособува монетарната политика.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Народната банка странските инвестиции за годинава ги проектира на 3% од БДП
МИА