еМагазин
Image default
Македонија

Младите правници апелираат да се слушне стручното мислење за Законот за државјанство

Денес пред пратениците се наоѓа предлог законот за измени и дополнувањата на Законот за државјанството на Република Македонија по скратена постапка. Текстот на законот е подготвен во нетранспарентна процедура без увид на јавноста и без можност за било какви коментари, мислења и предлози.

Македонското здружение на млади правници како организација која повеќе од 10 години работи на намалување и искоренување на бездржавјанството во Република Северна Македонија, достави барање до претседателот на Собранието, Талат Џафери за итно свикување на јавна седница на која ќе се произнесе стручната јавност.

„Сметаме дека начинот на кој што е формулиран предлог законот е непрецизен и не го решава во целост проблемот на лицата без државјанство кои се заштитени согласно меѓународното право и конвенциите наведени како извори за донесување на овој закон, а дел од предложените решенија се спротивни на текстот на овие конвенции.

Конвенциите на ОН за бездржавјанство и Европската конвенција за државјанство се однесуваат на добивање на државјанство на оние лица кои немаат државјанство. Прашањето за двојно државјанство согласно Европската конвенција за државјанство е предвидено само во поглед на деца родени во државата, а кои поседуваат државјанство на друга држава, како и за лицата кои склучуваат брак.

Иако во јавните говори на предлагачите на законот се потенцира решавањето на бездржавјанството, во предлог законот никаде не се изрично споменати лицата без државјанство на кои би им се олеснила натурализацијата, како што се наведени во член 7-а од веќе постоечкиот Закон за државјанство,“ се вели во соопштението.

Во него се додава дека предлог-законот ги става во понеповолна положба лицата кои се родени и живеат во РСМ целиот свој живот и немаат никакво државјанство, од оние лица кои по 1991 година се иселиле од земјава, имаат државјанство на друга земја, а ќе имаат можност да добијат државјанство на Република Северна Македонија.

„Дополнително, во предлог законот не е уреден статусот на оние лица кои се родени по 1991 година како втора генерација лица без државјанство кои живеат во нашата држава.

Доколку намерата на овој закон е да се намали или искорени бездржавјанството, тогаш се поставува прашањето зошто условот за законски престој од 8 години за странци се намалува на 7 години, а условот во членот 7-а за лицата без државјанство останува непроменет.

Дополнително, зошто за лицата без државјанство согласно член 7-а не се воведени олеснителни околности за прием, како што е тоа направено во член 7 од новиот предлог закон.

Доколку се изгласа овој предлог закон како што е предложен ќе биде уште една пропуштена шанса да се реши судбината на голем број на луѓе, наши соседи кои се родени тука, живеат тука и никогаш не ја напуштиле државата, а немаат државјанство на ниту една земја.

Бараме донесување на закон со кој сите лица кои живеат на територија на Република Северна Македонија, а се апатриди, односно немаат државјанство од ниту една друга земја, веднаш да добијат државјанство на Република Северна Македонија со што  ќе се отстрани бездржавјанството согласно меѓународните конвенции,“ велат од Македонското здружение на млади правници.

Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Алијансата за Албанците и Беса даваат поддршка СЈО да биде посебен орган во рамки на Јавното обвинителство

Редакција

Собранието ги верификуваше мандатите на новите шест пратеници

Редакција

Одбраната за случајот „Диво Насеље“ побара од Врховен суд укинување на пресудата и враќање на повторно судење

Редакција