Претседателот на Управниот одбор на „Алкалоид“ и генерален директор, Живко Мукаетов денеска беше одликуван со Орден на заслуги, од страна на претседателот Стево Пендаровски.
Мукаетов се одликува за професионалните стандарди во фармацевтската индустрија и за неговата филантропска култура и општествена одговорност.
„Раководи со компанија која е еден од носечките столбови на македонската економија, шеста фармацевтска индустрија во Југоисточна Европа. Под негово раководство „Алкалоид“ АД во своите напори за опстојување на пазарот има вложено околу 200 милиони евра во модерни производствени капацитети, опрема, лаборатории, во технологија, софтвер и најважното, во кадарот.
Благодарение на господинот Мукаетов, брендот „Алкалоид“ стана препознатлив по врвниот квалитет и принципиелната корпоративната политика на компанијата. Освен што е успешен стопанственик, Мукаетов е и познат филантроп, кој како прв човек на Фондацијата „Трајче Мукаетов“ до сега има стипендирано 539 млади таленти од факултетите по медицина и фармација при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Исто така, тој е и долгогодишен поддржувач на спортот што со своите успеси често пати знае да го сплотува македонското општество,“ рече Пендаровски на денешната свечена церемонија.
Мукаетов, на неговиот Инстаграм-профил напиша дека е почестен со ова признание доделено за визијата, континуитетот и иновативноста во работењето, професионалните стандарди во корпоративно управување со Алкалоид и заложбите во сферата на општествената одговорност.
„Како единствен стопанственик во редот на лауреати од воведувањето на Орденот, ова ќе биде мој мотив да продолжам по истиот пат и понатаму.
А на тој пат, неизмерно сум благодарен што го имам моето семејство кое ме следи на секој мој чекор! Во ова време на огромни неизвесности, благодарам на Бога што денес се собравме (иако во скратен состав) на еден емотивен настан и посакувам само да продолжи да нѐ служи доброто здравје,“ напиша Мукаетов, кој исто така објава и фотографија од семејството.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: Инстаграм/Мукаетов