еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

(Галерија) Пендаровски ги одликуваше Горан Стефановски, Зафир Хаџиманов, Ремзи Несими и Живко Мукаетов со Орден за заслуги

Претседателот Стево Пендаровски на свечена церемонија во Кабинетот ги одликува Горан Стефановски, Зафир Хаџиманов и Ремзи Несими, постхумно, и Живко Мукаетов со Орден за заслуги за Република Северна Македонија.

„Еден драмски писател, еден музичар/актер, еден лингвист и еден стопанственик. Пред нас се четири животни приказни, кои имаат различни генерациски, творечки и професионални траектории, но, сепак, се спојуваат во единствениот животен пат кој води кон создавање на нови вредности во македонското општество.

Ќе започнам со Горан Стефановски, нашиот мајстор раскажувач, кој преку своите антологиски драми ни помага да ја разбереме приказната за нас. После Блаже Конески, Славко Јаневски и Петре М. Андреевски, Стефановски е веројатно последниот голем архивар и согледувач на македонската култура и на македонските крстопати. Во своите дела и  јавните настапи тој постојан нѐ потсетуваше дека идентитетот значи одговорност и напорна работа.

Во некои од последните предавања, тој предупреди на опасноста од клишеата кои можат да не одведат во заблуда, да не заробат во искривени и лажни прикази за нас самите. А „погрешната приказна може скапо да не чини“, велеше Стефановски, повикувајќи не сите нас на беспоштедна битка против стереотипите,“ рече Пендаровски.

За вториот лауреат, кој е бардот на македонската популарна музична сцена, неповторливиот Зафир Хаџиманов, Пендаровски рече дека овој плоден и сестран уметник преку музиката, поезијата, преку драмските и филмските улоги, умееше да зборува на јазикот на повеќе генерации и при тоа, лесно и незабележливо да поврзува различни луѓе и народи.

„Верен на своето македонско културно јадро, Хаџиманов умееше да ја интерпретира македонската изворна музика низ современи и популарни форми. Препознатлив по неговата широка насмевка, кралот на шансоните успеваше да ја плени публиката каде и да настапуваше.

Сам, или во тандем со неговата сопруга, Сенка Велетанлиќ, тој сними безброј звучни записи, ТВ-програми и го обиколи светот одржувајќи концерти и собирајќи награди и признанија за македонската, а и некогашната поширока југословенска култура,“ додаде Пендаровски.

Третиот лауреат, како што рече Пендаровски е основоположникот на високото образование на албански јазик во нашата земја, професорот Ремзи Несими.

„Овој голем интелектуалец од редок ков и широки познавања, со својата плодна образовна, научна и културна работа придонесе за стандардизација на албанскиот литературен јазик и негово воведување во образованието, во печатените и електронските медиуми во Македонија и, воопшто, за негување и збогатување на современиот албански јазик.

Како автор на бројни трудови, книги и учебници, професорот Несими е неспорно еден од најголемите авторитети на полето на албанологијата, почитуван и цитиран од сите албанолози и кај нас и во светот. Како истакнат лингвист и просветител, тој го потенцира централното место на јазикот во културата на еден народ. Јазикот како клуч за толкување на светот, пренесување на мудроста и животните искуства, за поврзување на генерациите,“ потенцираше Пендаровски.

За четвртиот лауреат Живко Мукаетов, Пендаровски рече дека е сигурно еден од најпознатите луѓе од бизнисот во Република Северна Македонија.

„Раководи со компанија која е еден од носечките столбови на македонската економија, шеста фармацевтска индустрија во Југоисточна Европа. Под негово раководство „Алкалоид“ АД во своите напори за опстојување на пазарот има вложено околу 200 милиони евра во модерни производствени капацитети, опрема, лаборатории, во технологија, софтвер и најважното, во кадарот.

Благодарение на господинот Мукаетов, брендот „Алкалоид“ стана препознатлив по врвниот квалитет и принципиелната корпоративната политика на компанијата. Освен што е успешен стопанственик, Мукаетов е и познат филантроп, кој како прв човек на Фондацијата „Трајче Мукаетов“ до сега има стипендирано 539 млади таленти од факултетите по медицина и фармација при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Исто така, тој е и долгогодишен поддржувач на спортот што со своите успеси често пати знае да го сплотува македонското општество,“ рече претседателот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Горан Стефановски, Зафир Хаџиманов, Ремзи Несими и Живко Мукаетов се годинешните добитници на Орден за заслуги

Фото: Кабинет на претседател

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Во сообраќајката на автопатот Неготино – Демир Капија загина 62- годишна жена од Германија

Редакција

Останувам на ставот за вакцинација со „АстраЗенека“, ќе се вакцинирам во април, вели Филипче

Редакција

57% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина

Редакција