Во штипските основни и средни училишта и покрај тоа што има по еден позитивен ученик на коронавирусот или суспектен, состојбата не е загрижувачка смета градоначалникот, а воедно и командант на Општинскиот кризен штаб, Сашко Николов.
Од Центарот за јавно здравје-Штип информираа дека до денеска имаат регистрирано по еден заразен ученик во основните училишта „Тошо Арсов“- Штип и „Страшо Пинџур“ во Карбинци, одделенијата во кои учеле учениците се ставени во изолација, еден позитивен случај има во средното електро-машинско училиште „Коле Нехтенин“, таму 18 ученици од паралелката во кој учел средношколецот се во изолација, во најголемото основно училиште „Ванчо Прќе“- Штип има двајца суспектни наставници, денеска се тестираат, во зависност од резултатите се прави и проценка на ризикот, врз основа на анкетата што се прави со наставниците ќе се донесе и одлука од епидемиолог.
Надлежните од Центарот за јавно здравје – Штип велат дека имаат и еден заразен ученик и еден суспектен и во средното училиште за специјално образование и воспитание „Искра“ – Штип.
Градоначалникот Николов вели дека многу значајно е што училиштата се безбедни, а учениците или наставниците со коронавирусот се заразиле надвор од училниците.
-Во овој момент можеме да кажаме дека во основното училиште „Ванчо Прќе“ имаме позитивен наставник, кој е во изолација, а еден или двајца ученици имале контакт со позитивен на коронавирусот и цело одделение од претпазливост е ставено во изолација.
Во основното училиште „Тошо Арсов“ имаме двајца ученици во изолација поради тоа што во семејството имале позитивен на коронавирусот, затоа ги ставивме децата во изолација, со цел да не направиме пандемија меѓу учениците и во основните училишта „Славејко Арсов“ и „Гоце Делчев“ имаме ученици кои поради контакт во семејството се ставени во изолација, вели Николов.
Што се однесува за средните училишта, само во штипската гимназија „Славчо Стојменски“ до денеска немаат пријавено ниту заразени или суспектни ученици и наставници.
-Генерално работите ги држиме под контрола, учениците ги почитуваат протоколите, рече Николов.
Апелира до родителите на учениците доколку имаат симптоми или некој близок во семејството е позитивен или суспектен да не ги пуштаат своите деца на училиште, се додека не им се направи тестирање.
Во Штип има 176 активни случаи на коронавирусот, а зголемување на бројот на позитивни случаи се должи и на зголемениот број на тестирања и во Центарот за јавно здравје во Здравствен дом „Панче Караѓозов“- Штип.
МИА/Фото: МИА