еМагазин
Image default
Бизнис

Владеење на правото, интеграција и развој на претприемништвото се клучни за опстанокот на земјите од Балканот

И после 30 години од стекнувањето на својата независност, повеќето земји од Западен Балкан не успеаја да креираат и спроведат ефикасни решенија за своите проблеми и стратегии за одржлив развој преку кои ќе фатат приклучок со развиените земји, туку напротив се соочуваат со уште поголеми проблеми кои ги зголемуваат поделбите во нивните општества и ги оддалечуваат од нивната цел – интеграција во Европската Унија.

Ова е една од заедничките поенти на учесниците во првата конференција, насловена: „Разговори со лидери – Економски и политички перспективи за развој на Балканот“, која е дел од новата програма на М6 Едукативниот центар „М6 Чекор напред“.

Главни говорници на настанот беа еминентни познавачи на состојбите во нашата земја и регионот, како што се: светски познатиот консултант со потекло од Македонија, Исак Адижес, потоа  Рајнхард Прибе, поранешен директор на Европската Комисија, Зијад Бечировиќ, директор на Интернационалниот институт за Блискиот Исток и Балканот, Горан Штрок, претседател и основач на „Јадрански луксузен развој” и Светозар Јаневски, претседател на „М6 Инвестиции”.

Во панел дискусијата која се одржа во рамки на оваа конференција учество зедоа и Зоран Мартиновски, долгогодишен консултант во Светска Банка и одличен познавач на економските и општествените прилики во регионот, како и економистот Зоран Јовановски, советник во најголемата бизнис асоцијација во земјата – Стопанската комора на Македонија.

„Регионот се соочи со демонтирање на системот што е особено изразено во последните две децении. Отстапувањето отиде толку далеку што сега се соочуваме со непостоење на какви било стандарди. Резултатот од ова се земји од кои луѓето сакаат да избегаат.

Треба да ги прекинеме племенските војни и да се фокусираме на заедничките интереси, а тие се интеграција во ЕУ, економски развој, благосостојба на граѓаните и елиминирање на сиромаштијата“, порача меѓу другото претседателот на „М6 Инвестиции”, Светозар Јаневски, во своето воведно обраќање на конференцијата.

Учесниците на конференцијата се сложија дека клучот за опстанокот и идниот развој на земјите во регионот е обезбедувањето на владеење на правото, департизација и дебирократизација на институциите, како и елиминирање на корупцијата и организираниот криминал, креирање на ефикасен систем за ред и поредок, независен правосуден систем, како и законодавство, образовани и социјални реформи кои ќе креираат поволен амбиент за развој на претприемништвото и ќе им дадат мотив за луѓето и инвеститорите да доаѓаат во земјите од регионот, а не да се иселуваат од нив.

Во делот на економијата, учесниците на конференцијата, од кои дел се истакнати претприемачи и инвеститори со долгогодишно искуство, како што се Светозар Јаневски и Горан Штрок, истакнаа дека земјите од регионот, меѓу кои и Македонија, не треба да го темелат својот развој на вложувања во сектори во кои приматот го држат светските индустриски гиганти, како што се: Кина, Јапонија или САД, туку треба да ги идентификуваат своите автентични силни страни и области во кои имаат компетитивни предности во однос на другите земји и таму да ги насочат сите свои инвестиции и иновации во креирање производи и услуги со висока додадена вредност и извозен потенцијал.

Дефинитивно, во случајот со Македонија, такви области се: земјоделството, секторот за производство на храна и туризмот, во кои, според овие искусни претприемачи и инвеститори, нашата земја располага со огромни можности и потенцијали кои произлегуваат од природните убавини на земјата, нејзината култура, традиција, историја и други особености, карактеристични за нашата земја.

Токму за перспективите за развојот на земјоделството и секторот за производство на храна во земјата ќе биде посветена и следната конференција од овој нов серијал на М6 Едукативен Центар, насловен „М6 Чекор напред“, која е најавена за крајот на месец октомври.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Халк Банка може да извршува брокерски услуги за клиентите

Редакција

Измени и во Надзорниот одбор на Стопанска банка Битола

Редакција

Топ 10 најголеми должници на Листата на должници на УЈП

Редакција