Тешко се одвива сообраќајот на автопатот од Миладиновци до светиниколското село Преод, алармираа до МИА возачите кои патуваат по оваа делница.
Кристина Ампева од НВО „Гласен Тексителец“ неколку часа патувала по оваа делница и вели дека коловозот е лизгав и има наноси од снег, а по патот како што вели, можеле да видат и возила, кои стојат настрана, а забележале и две сообраќајни несреќи.
Возачите кои патуваат по оваа делница апелираат да не се тргнува на пат или доколку мора да патуваат задолжително да си ги стават синџирите на гумите.
Од штипската подружница на ЈП „Македонија пат“ велат дека нивните машини чистат до клучката кај Преод, додека делот од автопатската делница, каде што паѓа снег е под надлежност на скопската подружница.
На делот каде што се надлежни од штипската подружница на автопатот веќе се излезени возила за расчистување на снегот, а коловозот се посипува со сол и ризла. На терен се неколку возила, бидејќи врнежи од снег има и на експресниот пат Штип-Велес.
МИА/Фото: Град Скопје