Работници од 62 фирми низ земјава пријавиле до НВО „Гласен текстилец“ дека не им е исплатено или добиле минимален износ од 100 или 500 денари регрес за годишен одмор, познат како К-15.
Кристина Ампева од НВО „Гласен текстилец“ вели дека пријави имаат од Штип, Скопје, Куманово, но и од останатите градови низ земјава.
Според нивните податоци, 46 македонски компании воопшто не исплатиле регрес за годишен одмор до законски предвидениот рок.
До „Гласен текстилец“ пристигнале и пријави за уште 16 фирми кои само делумно исплатиле К-15.
–Повторно имаме по 500 денари, по 100 денари исплата. Од тие вкупно 62 фирми кои што се пријавени, 46 не исплатиле воопшто. Државен трудов инспекторат ќе отиде, ќе им каже дека треба да исплатат К-15, меѓутоа, колективниот договор дозволува исплата на тие срамни суми од 500, од 100 денари да поминат, па дури и таму каде што има синдикално организирање, рече Ампева.
Таа смета дека постојните законски решенија им дозволуваат на фирмите, кои ќе прикажат дека работеле со загуба, да исплаќаат минимални износи. Според неа, решението за да се надминат ваквите манипулации е во новиот Закон за работни односи.
–Да се донесе новиот Закон за работни односи и внатре да стои децидно дека К-15 им следува и во јавен и во приватен сектор, да биде определен минималниот износ, за да не се наоѓаме во вакви ситуации, вели Ампева.
Најголем број од пријавените фирми се од текстилната и кожарската индустрија, но има и приватни здравствени установи, карго услуги, автошколи, фирми кои се занимаваат со угостителски дејности, продавници и казина.
Посочи дека фирмите кои константно го кршат Законот за исплата на минималната плата наместо прекршочни треба да добиваат кривични пријави. Ампева вели дека сегашните глоби во Законот за прекршоци се прениски и тоа за фирмите што со исплатата на плата доцнат со месеци.
НВО „Гласен текстилец“ испратиле барање до Инспекторат за труд за една компанија, што според нив треба да биде пример за останатите дека треба да се почитува Законот.
-Се надевам дека Државниот трудов инспекторат ќе покренат кривична постапка и за вакви фирми коишто постојано го прават тоа. Мислам дека кривичните пријави ќе имаат некој импакт поголем, бидејќи не секој сака да биде под финансиска истрага, под истрага на Управа за јавни приходи или, пак, од Јавното обвинителство, па нека решат останатите дали ќе сакаат да го следат тој пример, додаде Ампева.
Според неа, очекувано беше Законот за недела неработен ден да биде оспорен пред Уставниот суд. Очекува работничките права да се подобрат со новиот Закон за работни односи на кој се чека веќе три години.
МИА