еМагазин
Image default
Македонија

Само еден граѓанин се пожали за дискриминација поради бугарско потекло, а се изјаснил како етнички Македонец, вели Бендевска

Минатата година до Државната комисија за спречување и заштита од дискриминација бил доставен само еден поднесок за дискриминација поради бугарско самочувство.

Претседателката на Комисијата, Весна Бендевска изјави дека институцијата има високо ниво на самостојност и е важна во моментов, поради изјавите на припадници на бугарското малцинство во Северна Македонија кои велат дека им се загрозени правата, а нема каде да се жалат.

– При крајот на минатата година беше поднесена само една постапка од граѓанин кој се пожали дека е дискриминиран на работното место – вработен во мала рурална локална самоуправа – поради неговото лично чувство дека има бугарско потекло.

Ние сме должни да ја прашаме и другата страна. Одговорот беше интересен. Секој вработен во образецот М1/М2 се изјаснува по националност. Жалителот тука се изјаснил како етнички Македонец, па оттука не му е нарушено правото на еднаквост со неговото сменување од работното место, појасни Бендевска во гостување во емисијата „Утрински брифинг“.

Таа истакна дека Државната комисија за спречување и заштита од дискриминација има веб-страна со детални податоци за случаите што ги имаат, колку се решени, до каде е постапката со одреден случај, а по ново можат електронски да поднесат претставка.

Претседателката на Комисијата ги охрабри сите граѓани кои се чувствуваат дискриминирано по кој било основ – етнички, родов, сексуален, политички и други основи, да поднесат претставка до Комисијата.

Бендевска додаде дека работата на Комисијата има ефект, иако некои од дискриминаторите не ја признаваат институцијата, поради тоа што не ја разбираат нејзината надлежност.

– Граѓанинот не мора ни да знае како да ја формулира претставката, доволно е да изнесе поради што ја поднесува претставката. Ние имаме право без најава да влеземе кај пријавениот за дискриминација и да извршиме увид па да го формулираме основот или основите на дискриминација, вели Бендевска.

Претставки може да поднесуваат и правни лица, односно здруженија кои се борат против дискриминациски основи. Најмногу од претставките што ги добиле, Бендевска посочи дека се поврзани со дискриминација на работното место.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Казни за 409 лица за неносење маска

Редакција

Се читаа СМС пораки помеѓу Јанакиески и Шамбовски: Судењето за „Траекторија“ продолжува на 5 февруари

Редакција

Продолжува судењето за „Монструм”

Редакција