Најновите трендови во областа на естетската медицина и примената на нови современи методи во насока на унапредување на третманот на пациентите беа главните теми на првиот Симпозиум за естетска медицина во земјава.
На Симпозиумот, кој е од меѓународен карактер, учествуваа над 100 пластични хирурзи, дерматолози, стоматолози и орални хирурзи од земјава и од странство. Еминентни имиња од областа на естетската медицина ги презентираа своите искуства во примената на новите трендови и технологии во секојдневната пракса и најновите научни сознанија.
Симпозиумот е во организација на Здружението за естетска медицина, чија цел е унапредување на оваа област преку континуирано стручно усовршување и едукација на членовите, поттикнување на поголема научно-истражувачка работа, интензивирање на соработката во земјава и во странство и дефинирање на норми и протоколи.
„Сведоци сме на огромната популарност на естетската медицина и нејзината широка примена. Овој глобален тренд создава итна потреба од зајакнување на стандардите и пред сѐ подигнување на свеста за неопходноста оваа сериозна медицинска гранка да ја практикуваат едуцирани доктори стручни во областа, а не кој било и во какви било услови.
Меѓународниот Симпозиум е прв чекор во земјава во таа насока, а во рамките на Здружението ќе продолжиме да делуваме во тој правец, за да создадеме подобри услови и за унапредување на естетската медицина и нејзината примена.
Во стручната фела има консензус за ова и со заеднички напори ќе придонесеме кон подигнување на стандардите и во рамките на фелата, но и во јавноста преку низа активности“, истакна д-р Игор Пеев, претседател на Здружението за естетска медицина, хирург од Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија од Скопје.
„Големиот интерес кај нашите колеги кои работат на полето на естетската медицина, ја потврдуваат оправданоста на целите заради кои го основавме нашето Здружение.
Овој Симпозиум е само почеток на низа активности кои ќе придонесат за интензивирање на соработката и подигнување на стандардите за да создадеме врвна медицинска пракса достапна за нашите пациенти“, истакна д-р Анџелка Илиева, секретар на Здружението за естетска медицина.
Во рамките на меѓународниот Симпозиум, покрај д-р Пеев свое излагања на темите имаа и д-р Огнен Даскалов, проф. д-р Андреј Петров, д-р Наташа Теовска – Митревска и други реномирани доктори од земјата и странство и тоа на теми за употребата на СО2 ласер во комбинација со ПРП, реконструкцијата на гради по мастектомија, трансферот на масти во естетската хирургија, употребата на орален изотретиноин кај акни и други актуелни теми.
Покрај тоа, во рамките на Симпозиумот беа организирани и демонстрации во живо при што искусни доктори споделија практични совети и насоки при апликација и реализација на естетски третман со различни со материјали од реномирани светски производители.
Првиот меѓународен симпозиум, беше организиран согласно протоколите за заштита од ширење на Ковид-19 вирусот, а се одржа во хотелот Лимак Скопје, кој е дел од повеќенаменскиот комплекс Diamond of Skopje.