Приказната на Бони Николова, родум од струмичкото село Василево покажува дека кога имате добра идеја и сте креативни, секогаш има начин како да се заработи, а истовремено и да уживате додека го правите тоа.
Таа изработува навлаки за перници, шие хеланки, поправа стара и нова облека, прави навлаки за рерна, новогодишни чорапи, украсни венчиња и шишиња…
„Завршив средно училиште, струка техничар за моден дизајнер. Уште како мала имав желба да создавам креации и постојано имав тетратки со скици околу мене.
Започнав со шиење дома, прво со поедноставни работи како навлаки за перници, потоа почнав да шијам и пижами по нарачка, да вршам поправки на стара и нова облека и да шијам хеланки за деца и возрасни.
Хеланките почнаа да се продаваат во големи количини и ден денес за нив има најголема побарувачка.
Од неодамна почнав да шијам и украсни навлаки наменети за во кујна, конкретно за рерната, во разни дезени, но нивната намена се уште е новитет овде.
Ми требаше многу време додека ме запознаат луѓето, а за тоа да го постигнам почнав своите креации да ги објавувам онлајн и да ги носам на пазар овде во околината“, раскажува Николова за еМагазин.
Децата, како и нејзините две ќерки и се постојана инспирација.
“Во зимскиот период пред Нова Година дојдов на идеја да изработам новогодишни чорапи за подароци со имиња, и за сето тоа да биде поинтересно ги декорирав со слики од омилените цртани ликови на децата.
Кога видов дека има голема заинтересираност добив уште поголема мотивација, а најсреќна бев кога имав шанса да ја видам радоста на децата поради моите креации и тоа некако многу ме исполнуваше.
Изработив повеќе од 230 вакви модели на новогодишни чорапи, и со нивната изработка успеав да ги спојам шиењето и декорирањето и така започнав и со декорирање да се занимавам..
Поради моите ќеркички добив инспирација да создадам украсни венчиња, исто така инспирирани од цртаните ликови, но и животинскиот и растителниот свет..Сите модели беа уникатни и бараа повеќе време за изработка, бидејќи рачната изработка навистина си бара многу време“, раскажува таа.
Вели дека секоја рачна изработка за неа е предизвик, а со тек на времето постојано се зголемува листата на работи што ги прави.
“После Нова Година почнав да барам други идеи, па така поради многубројните празници во месец јануари решив да изработам украсно шише со слика од икона и текст со посвета, првично како подарок од моја страна, но подоцна тие изработки ми донесоа уште многу понуди за декорации на чашки и шишиња.
После тоа почнав да добивам пораки од заинтересирани клиенти, и решив да се „нурнам„ подлабоко за да видам што се можам. Секоја желба за рачна изработка за мене беше предизвик. Почнав со украсно шише, па додадов и персонализирани чоколатки, цвеќе и други работи по нарачка…“, раскажува таа.
Со Николова можете да стапите во контакт преку нејзиниот Фејсбук профил, ОВДЕ.