Генерално во опција се три сценарија, изјави во Топ Тема на Телма, аналитичарот и поранешен разузнавач и заменик министер за надворешни работи, Зоран Петров, на прашањето како ќе заврши руската воена инвазија на Украина.
„Едното е да се преговара, откажување од НАТО, денацификација, демилитаризација и воена неутралност и да се разговара за статусот на Донбас, двете независни републики. Ова е сценарио кое претставува пораз на Путин.
Второто е поделба на Украина, по должината на реката Дњепар, нејзина елиминација од излез на море. Поделба на два дела, тоа е сценарио кое е пораз за Украина и со кое државата ќе влезе во долгорочна дестабилизација, доаѓање на екстремни политички структури и извоз на дестабилизација во цела Европа.
Третото сценарио кое исто така има потенцијал да се реализира, бидејќи делови од него веќе гледаме. Тоа е водење војна до исцрпување. Водење војна до исцрпување на двете страни, бидејќи тогаш ќе се реализира една прикриена цел на Путин. Една од можните цели е дестабилизација на континентот, бидејќи веќе се појавуваат поделби во Европската Унија. Очигледно е дека веќе има дисонантни тонови во ЕУ за воведување на 5-ти пакет на мерки против Русија“, вели Петров.
„Гледаме дека работите одат поинаку. Дека Украина е преземена во клешта, под притисок е на север и долу на југот на земјата и најверојатно таа клешта некаде ќе треба да се затвори. А ако се затвори, ќе се затвори најверојатно од левата страна на Дњепар“, изјави новинарот Мирче Адамчевски.
Тоа би значело поделба на Украина, што би било катастрофален исход и излегување на Русија на границата со Молдавија.
“Мислам дека најблиску се оние кои што велат дека Русија ќе се задоволи со контрола на Крим, на Донбас и делот од Мариупол, Херсон, Одеса“, вели Адамчевски.
Двајцата гости во Топ Тема го потенцираа и стратешкото значење на Мариупол, украинското пристаниште на Азовското море, каде се водат најжестоките борби, затоа што со негово освојување Русија ќе си обезбеди директна врска по земја меѓу Крим и регионот Донбас.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Фото) Сателитски снимки од разурнатите украински градови Мариупол, Ирпин и Чернив
(Видео) Снимка од дрон од Мариупол сведочи за ужасот на војната во Украина
Фото: Украинско министерство за одбрана