еМагазин
Image default
Локално ТОП СТОРИИ

ИДСЦС спроведе симулациска вежба за поплави во Општина Кавадарци

Институт за демократија во соработка со Општина Кавадарци, на 17 март 2022 година, спроведе симулациска вежба за опасност од поплави.

За време на вежбата, симулирана беше хипотетичка поплава по обилни врнежи проследени со невреме, зголемен водостој на реките Црна Река и Луда Мара и контролирано испуштање/неконтролирано прелевање на водите од акумулациите на „Тиквешко езеро“ и „Моклишко езеро-Градот“ придружено со топење на снегот во планините од нивното сливно подрачје.

Претставници на општината, заедно со подрачните единици на Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за јавно здравје, Министерството за внатрешни работи, Противпожарната служба, јавните претпријатија Комуналец и Национални шуми, како и претставници од Општина Кавадарци директно учествуваа и носеа одлуки во согласност со нивните надлежности имајќи ги притоа предвид нивните моментални капацитети, ресурси, можности и способности.

Сценариото за вежбата опфати период од приближно седум дена пред и за време на обилните врнежи и топење на снегот, до триесет дена по прекинот на врнежите и намалување на водостоите во речните корита и акумулационите езера.

Поздравни обраќања дадоа Марко Трошановски, претседател на Институт за демократија, Митко Јанчев, градоначалникот на Општина Кавадарци и амбасадорката на Обединетото Кралство, Рејчел Галовеј.

Трошановски истакна дека преку проектот „Подобрен капацитет за управување со кризи на општините“ општините развиваат стратешки и акциски планови и процедури кои ќе им помогнат да превенираат и да бидат подготвени кога ќе се случат несреќи, за да се намали штетата за општината, државата и граѓаните.

„Симулациите на мерки од плановите за справување со различни типови на катастрофи се многу важни бидејќи тие не се само вежбање на процедурите кои што сме ги усвоиле туку се и процеси на учење и подобрување бидејќи низ самата симулација се увидуваат некои пропусти кои што во теоретскиот дел претходно не сме можеле секогаш идеално да ги согледаме“, рече Трошановски.

Јанчев потенцираше дека целта на симулациската вежба е практично да ја утврди поставеноста, начините на одлучување, нивото на координација, нивото на материјалните капацитети и практичните предизвици на нашата општина при управување на ризици од несреќи и катастрофи.

„Јас сум убеден дека ваквите проекти се од големо значење за секој град, секоја општина, а стратешките планови се најдобрата основа за безбедноста на истите во справување со било каква несакана ситуација“, рече Јанчев.

Амбасадорката Галовеј, смета дека ваквите вежби помагаат да се идентификуваат силните страни, но и предизвиците со кои може да се соочиме, но и ни помагаат да научиме како можеме да го подобриме нашиот одговор на кризи на индивидуално и колективно ниво.

„Ефективната координација помеѓу националните и локалните власти е од клучно значење за овој процес. Локалната отпорност и подготвеност се клучни за заштита на луѓето кога се случуваат кризи, но се исто така важни за идниот развој и одржување на животната заедница“, смета Галовеј.

Вежбата придонесе да се откријат и скриените недостатоци на системот и да се изнајдат начини тие да се надминат. Со вежбата се утврди дека можностите на штабот да дискутира и да бара решенија се ограничени, постои различно ниво на познавање на тематиката и недостасуваат обуки. Учесниците на вежбата се сложија дека вежбите се одличен начин да се зајакнат капацитетите на субјектите за подготвеност и одговор низ отворена дискусија.

Симулациската вежба „Кавадарци – Поплава 2022“ се спроведе како дел од проектот “Подобрен капацитет за управување со кризи на општините во Северна Македонија кој е финансиран од Владата на Обединето Кралство, со поддршка на Британската амбасада Скопје, а е имплементиран од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ од Скопје.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

23-годишник од Мала Речица е вториот осомничен за симнувањето на знамето на МПЦ на Попова Шапка

Редакција

Катица Јанева побрала помилувања од Пендаровски, тој ја одбил

Редакција

(Галерија) Европските амбасадори во Македонија ни го чистеа ѓубрето

Редакција