еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Мукаетов панелист на СЕФФ: „Моќна и обединета бизнис-заедница значи силна економија“

„Ако 20% од луѓето го напуштиле регионот, тоа значи барем 20% помалку таленти и вештини, 20% помалку креативен потенцијал, а на крајот на денот и 20% помалку традиционални потрошувачи“, истакна генералниот директор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, кој беше учесник и панелист на Втората годишна меѓународна конференција на Министерството за финансии „Скопски економски и финансиски форум – СЕФФ“, која се одржува во Скопје од 30 до 31 мај годинава во организација на македонското Министерство за финансии и на Американската стопанска комора „AmCham“.

Мукаетов, во рамките на панелот „Искористување на можностите од регионалната соработка и евроатлантските перспективи“, се осврна на важноста на перцепцијата на економската реалност низ призмата на можностите, нагласувајќи ги синергичното дејствување и интеграцијата на регионот, како и клучната улога на човечкиот фактор во тој контекст.

„Поединечно, сите сме мали, неконкурентни и помалку интересни пазари. Но гледајќи го регионот на Западен Балкан како целина, веќе зборуваме за пазар од речиси 20 милиони жители. Нам ни требаат здружувања и разни форми на соработка. Тука можеби „поврзаност“ би бил вистинскиот збор.

Како компанија која е еден од столбовите на македонската економија, силно се залагаме за изнаоѓање разни синергии во регионот, дури изнајдовме и форми за соработка со нашите конкуренти во Хрватска, Србија и во Босна и Херцеговина“, истакна Мукаетов.

Правејќи паралела меѓу успешноста на компаниите и националните економии, особено во високо поларизирани и политизирани општества, Мукаетов потенцираше дека бизнисите се оние кои треба да најдат начини како поефикасно да ја промовираат регионалната економска интеграција, за да се обезбеди повисоко ниво на конкурентност, а со тоа и подобар животен стандард, повеќе странски инвестиции и посветла иднина за идните генерации.

„Целта на „Алкалоид“ е да се диференцира преку знаење и развој на производи со додадена вредност. Во денешното време на брзи промени, кога вештачката интелигенција и новите технологии се масовно достапни, моќта на креативноста и иновацијата на човечкиот потенцијал добиваат сѐ поголемо значење.

За жал, одливот на мозоци е голем проблем со кој се соочува целиот регион. Како компанија, ние во „Алкалоид“ се трудиме да ги задржиме нашите луѓе дома, постојано инвестирајќи во нивната професионална едукација, пристап до нови технологии и научни достигнувања, програми за менторство, дуално образование, разни бенефиции како за вработените така и за нивните семејства, сѐ со цел да овозможиме поквалитетен личен и професионален развој на вработените,“ изјави Мукаетов.

Тој го посочи примерот на „Алкалоид“ како една од најатрактивните компании работодавци во земјава, но и патот до таа перцепција, кој почнува од вработените во компанијата и од нејзината организациска култура.

„Децении наназад „Алкалоид“ покажал резилиентност и брза адаптација кон промените. Тоа е компанија градена од генерации речиси девет децении наназад. Да работиш за „Алкалоид“ е како да играш за „Реал Мадрид“.

Станува збор за наследство со богата традиција, долга историја и со врвен квалитет, па потклекнувањето пред предизвиците во никој случај не смее да биде опција“, поентираше Мукаетов заокружувајќи го своето обраќање.

Скопскиот економски и финансиски форум“ (СЕФФ) е иницијатива на Министерството за финансии, чија цел, како што истакна ресорниот министер Фатмир Бесими, е да овозможи дебата за јавните политики на релевантни регионални теми.

Главен говорник и специјален гостин на настанот е истакнатиот американски професор и добитник на Нобеловата награда за економија, Пол Кругман. Фокусот на настанот, кој во Скопје успеа да ги собере најпрестижните имиња од светот на економијата, бизнисот и на финансиите, е поставен на макроекономските предизвици во турбулентни времиња, на отпорноста, конкурентноста и на регионалната соработка, на енергијата, зелената транзиција и на инфраструктурата, но и на двигателите на растот по кризата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Апелација го укина Планот за реорганизација на ФЕНИ

Редакција

(Видео) Како изгледаше прославата во Скопје, кога Македонија беше прогласена за самостојна, суверена и независна држава

Редакција

Зошто албанско знаме во училиште во Струга?

Редакција