Иницијативата Отворен Балкан е можност за регионот да ја смени реалноста и да ги надмине предизвиците со коишто се соочува веќе многу години, да не речам децении. Отворен Балкан може да биде и можност за забрзување на патот кон ЕУ. Ако работата ја завршиме добро ќе се забрза европската интеграција на регионот, изјави денеска во Охрид еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји во обраќањето на Самитот Отворен Балкан.
Вархеји нагласи дека идејата за Отворен Балкан е осмислена од регионот и таа идеја е поддржана од Европската Унија.
– Го велам ова затоа што кога зборуваме за пристапување кон ЕУ, бракови или други симболи што се споменуваат, но најмногу во јавниот домен зборуваме за процеси. Зборуваме за преговарачки рамки, за нон-пејпери, итн..
Но, да бидам искрен со вас и веројатно не би требало да го кажам ова како комесар, но ова навистина не е интересно. Ова не е интересно за луѓето во Европа или за луѓето во Западен Балкан, затоа што сметам дека нивното главно прашање е кога ќе живееме како што живеат во Европа, кога ќе ги имаме истите можности економски општествено како што ги имаат луѓето во ЕУ и кога ќе дочекаме сите бариери да бидат отстранети меѓу ЕУ и Западен Балкан. Ова е вистинската интеграција, а вистинската интеграција започнува со економијата и започнува со општеството, порача Вархеји.
Еврокомесарот оцени дека без регионална соработка, економскиот инвестициски план на ЕУ нема да постигне многу затоа што нема поента да се поврзува капиталот на Западен Балкан со патишта и со железници ако камионите треба да сопираат на секоја граница и речиси секој доаѓа на половина час.
– Нема поента да зборуваме за пристапување кон ЕУ и за евроинтеграција на регионот доколку во самиот регион се уште треба да ви ја нострифицираат дипломата доколку сакате да работите во друга држава, а тоа би значело дека би требало да работите на еден час од местото на живеење.
Не вреди ништо ако вашиот бизнис не може да тргува соодветно или ако не може да ги продава своите услуги во регионот затоа што според нашите проценки регионот може да создава една третина од својот БДП само преку економска интеграција. Регионот го има овој потенцијал и само регионот може да си ја испорача. Отворен Балкан треба да продолжи понатаму со потпишување договори што ги олеснуваат животите на луѓето, истакна Вархеји.
Посочи дека се додека се спроведуваат основните столбови и стратегии од агендата на ЕУ, Иницијативата може да продолжи да ги жнее економските и прогресивните резултати од нивната соработка.
– Затоа ве охрабрувам целосно да ги искористите постојните структури што ги поддржуваме, дали е тоа ЦЕФТА, дали е тоа Советот за регионална соработка затоа што знаење имаме, инфраструктура имаме, а мислам дека има и подготвеност да му се помогне на регионот да помине кон следното ниво.
Сметам дека ова е многу позитивна иницијатива, дека ова е иднината која што може да биде создавана уште денес па затоа би требало целосно да ја искористиме, заклучи Вархеји во своето обраќање.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Ескобар: Отворен Балкан не е политички, туку важен економски проект
МИА/Фото: Влада