Демократскиот сојуз изразува сериозни резерви за францускиот предлог за деблокада на почетокот на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, затоа што тој во суштина ги апсорбира националистичките и негаторските барања на Бугарија и билатералниот спор, преку преговарачката рамка, го претвора во спор помеѓу Македонија и Европската Унија, велат од партијата.
“Според документите кои досега ги објавија медиумите, Предлог-преговарачката рамка за почеток на евроинтеграцискиот процес и предлог-заклучоците на Советот на Европската Унија, јасно е дека барањата на Бугарија стануваат дел од преговарачката рамка на ЕУ и од нивното исполнување ќе зависи нашиот напредок кон Европа. Тоа значи дека нашите евро-интеграции стануваат заложник на антимакедонските интереси во Софија, овојпат со европски печат.
Очигледно е дека предлогот е резултат на претходно усогласување на претставници на владите на Македонија и Бугарија, но фактот што постојат или се најавени повеќе документи кои се однесуваат на спорот, протоколи што треба да ги потпишат двете земји, како и Акциски план, кои треба во детали да опишат што се треба да направи Македонија, во суштина значи прифаќање нов договор, покрај постоечкиот Договор за добрососедство и пријателство, чие исполнување сега ќе го мониторира Европската Унија.
Со новиот договор на перфиден начин се оспорува македонскиот идентитет, историјата и јазикот и истовремено не се нудат гаранции дека Бугарија ќе престане да излегува со нови барања, уцени и блокади. Конечниот став ДС ќе го изгради по добивањето на интегралниот текст на предлогот и негова подлабинска анализа“, велат од партијата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Отец Пимен за францускиот предлог: Благодарам Франција, но не!
Ѓорги Спасов за францускиот предлог: Ни прави ли Франција мечкина услуга?
Фото: ДС