еМагазин
Image default
Бизнис

Четири компании добитници на државни пари пријавиле носители на јавни функции во сопственичката структура

Само четири од вкупно 77-те компании – апликанти, добитници на средства од првиот повик од Планот за економски раст – трет столб се изјасниле дека во својата сопственичка структура имаат лице кое е носител на јавна функција, или член на негово потесно семејство.

Инвестициските проекти на четирите компании, како што велат од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), ќе бидат повторно доставени на разгледување до Комитетот за одобрување на инвестиции, според критериумите за селекција и согласно правилниците на повикот.

За останатите компании од првиот инвестициски бран што доставиле изјава во која нема носител на јавна функција и/или член на негово потесно семејство во сопственичката структура продолжува постапката за склучување на договори за реализација на инвестициските проекти.

Исплатата на средства, согласно процедурите на Фондот, ќе се реализира квартално. Првата рата ќе се исплати веднаш по потпишување на договорите и достава на доказ од страна на компаниите дека е уплатен нивниот финансиски удел. Остатокот од средствата ќе се исплаќа по доставен квартален извештај од компаниите за наменско искористување на средствата и реализирана контрола од страна на Фондот.

– ФИТР на 24 јули годинава ги повика 77-те компании апликанти да се изјаснат дали во својата сопственичка структура имаат лице коешто е носител на јавна функција, или член на негово потесно семејство. По истекот на рокот од 15 дена, четири компании поднесоа изјава или дополнение на изјавата, со која ја декларираат сопственичката структура во која има носител на јавна функција, соопшти Фондот.

Изјави поднеле компаниите: „Микросам Прилеп АД“ – Веле Самак, акционер, министер без ресор, задолжен за странски инвестиции во Владата на Република Македонија, функцијата ја извршувал заклучно со 30.05.2017 година. „Контура ДОО Скопје“ – Елена Донева, сопственик, член на потесно семејство на Јован Донев поранешен амбасадор во МНР на Република Македонија, функцијата ја извршувал заклучно со 28.02.2017 година. Т-Сенс консалтинг ДОО Скопје“ – Мерита Адеми, малцински содружник, член на потесно семејство на Асаф Адеми, министер за култура во Владата на Република Македонија од 01.06.2018 година.

Од страна на компанијата до Фондот е доставено и известување за извршена промена на сопственичката структура односно бришење на лицето Мерита Адеми.

Како дополнение на изјавата, во посебен документ, лицето Христина Керкез, еден од сопственици на „Декодикс ДОО експорт – импорт“ Скопје декларира поврзаност, како член на потесно семејство на Цветанка Ласкова, посебен советник во Канцеларијата на Претседател на Владата на Република Македонија, иако посочената советничка не е носител на јавна функција.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Кои се преставниците на Владата во Македонски Телеком

Редакција

Агенцијата „Мотиви“ го доби тендерот на „Комунална хигиена“ за привремени вработувања вреден 1,8 милиони евра

Редакција

Детален преглед: Нови правила за готовинска исплата на пензиите

Редакција