Со овој допис сакам да ја информирам македонската спортска јавност и македонските спортски институции: Агенцијата за млади и спорт, Македонскиот олимписки комитет (МОК) и сите клубови кои се членови на Карате федерацијата на РС Македонија (КФРСМ), дека јас, Бошко Заборски, во моментов член на ИО на КФРСМ и потпретседател на истата, не се согласувам и се спротивставувам на веќе изгласаниот Правилник за работа и избор на државните репрезентации, се вели во дописот до јавноста.
Заборски не ја поддржува и политиката која се наметнува од страна на новото раководство на КФРСМ.
Реакцијата ја пренесуваме во целост:
„Јавно го изнесувам својот непоколеблив став: не се согласувам со Правилникот за работа и избор на државни репрезентации кој е изгласан електронски и без консултација со нашите афирмирани клубови и тренери.
Правилникот за избор и работа со државните селекции претставува најважниот правен документ во Федерацијата. Со добро составен правилник кој има јасни критериуми за избор и со негова помош се контролира целата работа на клубовите и тренерите.
Изготвувачот на предлог-правилникот, без никаква најава и консултација, ова го направил тајно, плански смислено и во тесен круг на свои истомисленици кои се во моментов функционери и ја предводат Федерацијата. Вака изгласан Правилник, единствено ќе помогне за зголемена и комплетна контрола и приватизација на КФРСМ.
Со воведување на овој Правилник во сила, сите клубови кои имаат репрезентативци, посебно во сениорска , У21 и јуниорска конкуренција, ќе бидат комплетно зависни само од еден човек, а тоа се селекторите на тие селекции, блиски на новоизбраниот претседател на КФРСМ.
Со овој Правилник, на селекторите им се даваат неограничени права и можности за избор на репрезентативците и составот на селекциите. Во овој Правилник не постојат критериуми по кои ќе се избираат репрезентативците, односно може секогаш врз основа на субјективна забелешка да се измисли критериум според кој поквалитетниот спортист може да се отстрани од националниот тим и за тоа клубот, спортистот и неговите најблиски да не можат да имаат никаква забелешка на изборот на селекторот.
Загрижувачки е податокот што имаме директна реакција на десетина карате клубови, а новото раководство нема слух за да се слушнат мислењата на тренерите и клубовите кои се најзасегнати од донесувањето на новиот Правилник.
Правилникот е НЕПРИФАТЛИВ затоа што:
– Во многу делови е субјективен, односно дава можност за неизмерна и неконтролирана субјективност при изборот на репрезентативците во сите селекции.
– Дискриминирачки е во секој поглед и таков ќе го прогласи и Комисијата за дискриминација на РСМ.
– Нема јасни критериуми за избор на репрезентативците. Во многу делови остава можност за манипулација, необјективност, пристрасност, субјективност и затоа овој правилник ќе им одговара само на спортистите од клубот или клубовите блиски до селекторот.
– Содржи преголеми права кои им се даваат на селекторите за избор на спортисти, за казнување, одлучување, поведување дисциплински постапки. Со овој Правилник, селекторите ќе можат да вршат уцени врз спортисти, клубови и тренери за влез во репрезентација.
– Во секој момент, само врз сопствена проценка или лично мислење, се дозволува смена на спортист. Државниот првак, во секое време може да биде заменет дури и со трето, четврто или петто пласиран спортист близок до клубот на селекторот односно претседателот.
– Со индиректна и директна присила да се влијае врз клубовите и спортистите да бидат добри извршители, полтрони и послушници.
– Со овој Правилник, репрезентацијата во речиси сите возрасни категории однапред ќе биде составена. Едноставно се губи основната смисла на одржувањето на државните првенства, изборните првенства и контролните турнири.
– Привилегија да се облече националниот дрес ќе ја имаат само спортисти кои се блиски до претседателот и групацијата на селектори кои меѓусебно се избираат.
– Власта во управувањето и раководењето со федерацијата повторно ќе биде само кај 3-4 лица. Само тие ќе одлучуваат за сите прашања кои се поврзани со интересите на спортистите, тренерите и клубовите.
– Ваквиот начин на работа ќе придонесе заедничките финансии од КФРСМ да се користат еднострано, строго контролирано и управувано само од мала група луѓе.
Тоа се финансии за кои придонесуваат сите клубови преку уплата на годишни членарини, регистрации на клубови, регистрации на спортисти, добивање на ваучери за федерација, ваучери за клубови, ваучери за спортисти и средства од АМС кои се добиваат по план и програма за работа.
– Поголемиот дел од квалитетните спортисти ќе бидат маргинализирани и неправедно отстранети од националниот тим, а такви ќе има многу поради новонастанатата состојба во која ќе имаме привилегирани клубови и тренери. Затоа ќе имаме масовно откажување на спортисти од активно тренирање и настапување во карате федерацијата.
КФРСМ не смееше да дозволи изгласување на овој Правилник бидејќи во неговата изработка не побара мислење од ниту еден докажан и заслужен клуб или тренер кој има направено повеќе за федерацијата досега отколку сегашното раководство заедно.
Немаше консензус, договорна рамка и согласност за предлагање и прифаќање на овој Правилник од сите клубови и тренери кои несебично досега придонесуваа за афирмирање и постигнување на резултати во КФРСМ. Напротив, секојдневно имате бројни дописи во кои клубовите ви посочуваат дека одите во погрешна политичка насока во нашата Федерација.
КФРСМ не е приватна сопственост, дури и столчињата на кои нејзиното раководство седи во канцеларијата се купени од наши пари. Затоа, ние клубовите и тренерите кои работиме и сме засегнати, ќе се бориме за нашите права и за нашата Федерација.“
Заборски е Селектор на универзитетската карате репрезентација, селектор на карате репрезентацијата на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, тренер на карате клубот „Макпетрол – Скопје“.