еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Почна расчистувањето на „Треска“, ако не се измени ДУП-от ќе се издаваат градежни дозволи

Почна расчистувањето на локацијата кај поранешната фабрика „Треска“. Чистењето ќе се врши плански во неколку фази. Најпрво ќе се отстранува опасниот отпад, азбестниот покрив, ќе се уриваат објектите, па ќе се отстранува кабастиот отпад. На крајот ќе се врши дезинфекција, дезинсекција и дератизација на просторот.

Според очекувањата на градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, просторот би требало да се расчисти за неколку недели. Моменталната состојба на оваа локација, како што рече тој на денешната прес-конференција, освен што претставува извор на зарази за жителите од околината, претставува и нелегална депонија во срцето на општината и Градот.

Герасимовски посочи дека до почетокот на месецов сите постапки биле во застој, бидејќи се чекала дозвола за почнување на активности од Обвинителството кое постапуваше по утврдување на причините за пожарот кој неодамна избувна во магацин кај „Треска“.

До овој момент, како што информира градоначалникот, во општина Центар се пристигнати 36 барања за издавање решение за отстранување на објекти од кои досега одобрени се 13.

Отстранувањето на објектите ќе го вршат самите сопственици кои претходно до општината доставиле барање за отстранување на објектите и начинот како ќе бидат истите отстранети. За тоа време сопствениците ќе бидат под надзор од страна на инспекциските служби за животна средина на општината. Отпадот ќе биде депониран во Дрисла каде ќе биде соодветно уништен.

– Град Скопје води постапка за донесување на регулациски план за ДУП Градска четврт З 11 – локалитети Буњаковец 1 и Буњаковец 2. Носењето на овој план ќе ја олесни процедурата за одвојување и донесување на план само за просторот кај „Треска“ со што приоритет му се дава токму на овој дел од градот. Ги повикувам и останатите надлежни институции активно да се вклучат за негово поскоро донесување, рече Герасимовски.

Прашан дали расчистувањето на овој дел е со цел инвеститорите да градат згради, Герасимовски појасни дека општината прави напори да се донесе нов ДУП, се со цел да се направи подобра урбанизација.

– Во моментов има важечки ДУП, имавме три години мораториум чија цел беше да се изменат ДУП-овите, за жал не се успеа, но правиме напори преку регулација да се одвои овој дел и да направиме подобар ДУП.

Во моментов има доставено 15 барања за доофурмување на парцели и околу четири барања за градежни дозволи. Додека не ги издадеме сите 36 одобренија за расчистување на објектите ќе се закочи целиот процес. Не зависи од Општината Центар, но сигурен сум дека за брзо време ќе ја направиме измената на ДУП-от, нагласи Герасимовски.

Поради тоа што во моментов има важечки ДУП, како што појасни тој, доколку не се донесе нов, тие во меѓувреме мора да го почитуваат Законот и според тој ДУП ќе даваат одобренија за градежни дозволи.

Во одговор на прашање каква ќе биде судбината на жителите во бараките на улицата „Рузвелтова“, Герасимовски посочи дека во договор со инвеститорите тие ќе бидат обесштетени.

Во однос на тоа дали до општината е пристигнато ново барање за втората зграда кај „Холидеј ин“, градоначалникот рече дека е поднесено второ барање и оти висината е намалена на 11 ката и поткровје. Документите, како што рече, се поднесени и отпочната е процедура за издавање дозвола.

МИА/Фото: Општина Центар

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Келнер вработен во едно од најпосетуваните студентски кафулиња во Брисел, прво дрогирал, па силувал девојки

Редакција

36 лица во Македонија починале од Ковид-19 надвор од болница

Редакција

Најниски просечни нето-плати во јуни

Редакција