Лавина од негативни реакции во јавноста и на социјалните мрежи, но и од полтичари, предизвика најавата за промена на „балансерот“ за вработување во државната администрација, откако медиумите објавија дека министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити изработил нов „балансер“, кој е спротивен на Законот за вработените во јавниот сектор, според кој распределбата на бројот на новите вработувања по припадност на заедница се прави според податоците од последниот попис на населението кои живеат на територијата на Македонија.
Според новиот „балансер“ на министерот, во државната администрација треба да има 31,54 отсто Албанци, а не 24,3%, колку што е процентот на Албанците кои живеат во Македонија како резидентно население.
До оваа бројка министерот дошол откако ги собрал сите попишани Албанци (24,3 отсто кои живеат во Македонија и 5,2 отсто Албанци од дијаспората). На бројката додал уште 2 проценти Албанци кои според негова проценка се дел од оние 7,2 отсто кои го бојкотираа пописот.
Според новиот „балансер“, сега во сите министерства, државни и јавни институции треба да има 57,92 Македонци, 31,54 отсто Албанци, 4,25 отсто Турци…
Иако од Државниот завод за статистика на министерот веќе му укажаа дека од последниот попис треба да се користат податоците за резидентното население на Македонија, а не и бројот на државјаните кои живеат во странство, тој како што објавија медиумите, до институциите испратил писмо во кое вели дека планот за вработувања за наредната година е да се достигне процентот од 31,54 отсто вработени Албанци.