Бугарското Министерство за надворешни работи изразува загриженост поради изгласаните измени на законите за здруженија и фондации и за политички партии во македонското Собрание.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Стоп за фашизмот: Собранието изгласа измени на законите за здруженија и за политички партии
Според Министерството, измените имаат за цел „дискриминација и ограничување на правото на здружување на Бугарите во С Македонија“, бидејќи има „еднострано толкување на историските факти“.
– Легитимната желба за спротивставување на сите форми на екстремизам и омраза не може да се инструментализира за намерно ограничување на правата на одредени задници.
Ограничувања од ваков вид веќе им беа наметнувани на Бугарите во С Македонија во минатото. Со слични аргументи, во 2001 година беше забранета организацијата „Радко“, што е псевдонимот на Иван Михајлов.
Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) веќе донесе одлука по ова прашање, се наведува во реакцијата на бугарското МНР.
Според Министерството, „механизмот согласно којшто Консулативното тело во Скопје издава позитивно мислење, за да може да се дозволи употреба на дадено име, презиме, прекар, псевдоним, кратенка или иницијали на историска личност, го поставува прашањето за наметнување пристап во интерпретацијата на историските личности и настани да биде доминантно официјалното интерпретирање што го има С Македонија“.
– Посебен проблем претставува одлуката на Парламентот на С Македонија воопшто да не го вклучи комунизмот, како тоталитарна и репресивна идеологија, во примената на усвоените промени. Се уште нема ниту законодавна мерка, ниту механизам за рехабилитација и компензација на убиените и настраданите за време на комунистичкиот режим во поранешната СР Македонија, прогонувани и репресирани единствено поради бугарската самосвест, се наведува во соопштението на бугарското МНР.
Според Министерството, ваков тип законодавни мерки го попречуваат целосното исполнување на Договорот за добрососедство.
– Очекуваме од властите во РС Македонија да им гарантираат на сите нивни граѓани, вклучително и на оние кои се самоопределуваат како Бугари, еднакви права и слободи. Тоа се однесува и на слободното изразување на нивните историски гледишта и убедувања во услови на плуралистичко општество, како и до можноста за создавање политички партии, здруженија и културни центри.
Во духот на стратегијата „Едно општество за сите“, властите во С Македонија треба да ги обезбедат неопходните услови припадниците на етничките заедници да ја развиваат својата култура, да ги зачуваат основите елементи на својот идентитет, традиции и културно наследство.
Правото на слободно здружување, мирни собири, слобода на говорот и слобода на убедувањата треба да биде гарантирано за сите граѓани на државата, наведува бугарското МНР.
Во Собранието во вторникот едногласно беа донесени измените на Законот за здруженија и фондации, поднесен од ВМРО-ДПМНЕ и на Законот за политички партии, поднесен од СДСМ, со кои се забранува здруженија и партии да носат фашистички имиња.
Предложените законски измени на двете партии уследија по отворањето бугарски клубови во земјава со имињата „Ванчо Михајлов“ на 16 април во Битола и „Цар Борис Трети“ на 7 октомври во Охрид.
Со измените на двата закони се предвидува отфрлање на фашизмот, нацизмот и националсоцијализмот во сите општествени форми на здружување.
Со усвоените измени, сите досега формирани здруженија и фондации, како и политички партии, имаат рок од три месеци да се усогласат со новите законски измени.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
МИА/Фото: бугарско МНР