„Сè побројното светско население што денеска ја достигнува бројката од осум милијарди, не смее да ги засени потенцијално тешките последици со кои може да се соочат државите со сè помалубројно население доколку не го преобмислат начинот на кој се справуваат со демографските промени”, изјави денеска Флоренс Бауер, директорка на регионалната Канцеларија на Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА за Источна Европа и Централна Азија.
Порастот на населението, на глобално ниво, значително забавува, а во сè поголем број земји, повеќето од Централна и Источна Европа, се движи во надолна насока каде што комбинацијата од иселувањето и нискиот наталитет ја намалува бројноста на населението.
Овој проблем, доколку не се реши, може да ја загрози иднината на нивните економии, социјални системи и инфраструктури.
„Властите, во својот одговор на намалувањето на населението, обично се фокусираат на зголемување на наталитетот и давање финансиски стимулации за раѓање повеќе деца. Но, сведоци сме дека тоа не делува.
Она што е потребно е широк опсег на мерки со кои ќе им се олесни на луѓето да изградат иднина во сопствените земји наместо да бараат можности на друго место, како и да имаат толкав број деца колку што посакуваат.
За таа цел, потребно е земјите да го преобмислат начинот на кој се справуваат со демографските промени. Наместо да ставаме преголем акцент на бројките и заканите, треба да се придвижиме кон согледување на демографските промени како можност за градење на посилни и повеќе инклузивни општества,“ изјави Бауер.
Источна Европа стана првиот регион во светот каде во текот на целата измината деценија бројот на население беше во постојано опаѓање, пред сè, поради големиот број луѓе кои ги напуштаат своите земји и заминуваат на работа во странство, како и поради нискиот наталитет.
Во моментов, од десетте земји во светот со сè помалубројно население, сите освен една, се наоѓаат во Централна и Источна Европа.
„ Доказите ни покажуваат дека посакуваниот ефект ќе го постигнеме со комбинација од политики. Тука спаѓаат: инвестиции во грижата за деца на рана возраст, поддршка на семејствата којашто може да ја ползуваат и мажите и жените, мерки со кои на жените и мажите ќе им се олесни да ги балансираат семејните и работните задачи, зголемување на можностите за вработување и домување за младите луѓе, како и правична распределба на грижата за деца и домаќинските обврски помеѓу мажите и жените.
Јакнење на инклузијата е исто така од клучна важност за оспособување на земјите да се справат со демографските промени. Тоа подразбира и отстранување на бариерите за жените, постарите лица, имигрантите и лицата на маргините на општеството за да може целосно да придонесат за економијата и јавниот живот,“ додаде Бауер.
Намалување на населението, особено во Централна и Источна Европа
Во сè поголем број земји, намалувањето на населението не е привремен феномен, туку нова реалност. Бројот на земји кои активно се соочуваат со намалување на бројот на население и натаму ќе се зголемува.
Денес има 17 земји што имаат помалубројно население отколку во 1990 година, а сите овие 17 земји се наоѓаат во Источна Европа.
На глобално ниво, намалувањето на населението е предизвикано од ниски и опаѓачки нивоа на фертилитет, а во најпогодените европски земји тоа се должи и на високиот степен на емиграција.
Факти и бројки Глобален пораст на населението
Степенот на пораст забавува, но светското население ќе продолжи да се зголемува до 2100 година.
Околу 12 години беа потребни за светското население да се зголеми од седум на осум милијарди, но за следната милијарда се очекува да бидат потребни 14,5 години (2037 година).
Се предвидува дека светското население ќе достигне околу 10,4 милијарди луѓе во текот на 2080-тите години и ќе остане на тоа ниво до 2100 година.
Порастот на населението во потсахарска Африка се предвидува да биде повеќе од половина од глобалниот пораст до 2050 година поради релативно високите стапки на фертилитет.
Степенот на пораст на светското население опаѓа од 1970-тите години, за првпат во 2020 година под 1% (годишно).
МИА/Фото: Unsplash