Секогаш може да сметате на нашето пријателство и секогаш може да сметате на нашата поддршка, порача шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас, додека пак министерот за надворешни работи на Македонија, Бујар Османи истакна дека односите меѓу двете земји претставуваат вистински пример за добри соседи и како се гради стабилно и долготрајно партнерство, базирано на взаемна доверба и почитување, јави дописничката на МИА од Атина.
Дендиас и Османи денеска се сретнаа во грчкото МНР, средба на која беа потврдени одличните билатерални односи во сите области, се осврнаа и на можностите за дополнително продлабочување, а уште еднаш беше изразена грчката поддршка за ЕУ – перспективата на нашата земја.
-Сакам да ја изразам мојата благодарност за грчката поддршка за нашата европска интеграција, која што очекуваме да продолжи и за време на преговорите со ЕУ и преку одлуките во европските тела, како и преку споделување искуства, истакна Османи.
-Политичката меѓувладина конференција испрати јасна порака, не само за С Македонија, туку и за европската перспектива на сите земји од Западен Балкан. И ние целосно веруваме и се стремиме кон тоа иднината на целиот Западен Балкан да е во Европската Унија, рече Дендиас и додаде дека не се дозволени ревизионистичките аспирации на Западен Балкан.
Шефот на грчката дипломатија истакна дека „Грција е најблискиот партнер на С Македонија во регионот без скриени агенди“, додека пак Османи потенцираше дека „имаме договор за стратешко партнерство, Договорот од Преспа чие доследно спроведување претставува основа за понатамошна соработка и дополнително зајакнување на нашите блиски односи“.
-Добрите политички односи меѓу двете земји, исто така, создадоа нови услови за развој на економската соработка. По потпишувањето на договорот, вкупната трговска размена меѓу двете земји се зголеми за речиси 100 проценти.
Во 2019 имавме трговска размина од 840 милиони евра, оваа година се предвидува дека трговската размена ќе надмине 1,6 милијарди евра. Ова, секако се одлични резултати, но убеден сум дека можеме да одиме уште напред, рече Османи, и ги спомена и директните грчки инвестиции во Македонија, кои се над половина милијарди евра.
Дендиас рече дека разговарале за билатералната соработка во енергетиката, економијата, одбрана, поврзаноста, како и „за стратешката важност на интеконекторот“ меѓу двете земји, но и за воената соработка , а му честиташе на Османи и за усогласувањето со европските политики за безбедноста.
Во фокусот на разговорите беше и претстојното претседателство со ОБСЕ на Македонија, за кое Дендиас му упати честитки на Османи, му посака успех, но исто така изрази и убеденост дека ќе биде успешно и дека „С Македонија ќе направи најдобро што може“, паралелно повторувајќи ја и грчката поддршка.
-Сакам јавно да кажам дека целосно ќе ве поддржиме, истакна Дендиас.
Османи ја посочи важноста на улогата на ОБСЕ за мирот и стабилноста.
-Земајќи ги предвид актуелните околности, преземаме голем предизвик со претседателство со ОБСЕ во 2023 година, бранејќи ги принципите и обврските на ОБСЕ за безбедноста и безбедносните прашања, рече Османи, додавајќи дека потребна е поддршка од сите членови, од сите партнери за зајакнување на улогата на ОБСЕ во гарантирањето на мирот и стабилноста
Говорејќи за регионот, рече дека Србија и Косово се соочуваат со тешки предизвици, но, истакна дека не само регионот, туку и Европа поминува низ најлоша криза досега.
Двајцата министри во изјавите по средбата се осврнаа и на руската инвазија во Украина, Дендиас ги спомена и односите на Грција со Египет и Турција, велејќи дека ќе го брифира Османи за време на ручекот за турската реторика во Егејското Море и Источниот Медитеран.
Шефот на грчката дипломатија истакна дека ова е трета билатерална средба со Османи во последните седум месеци, а по изјавите за медиумите, двајцата министри, разговорите ги продолжија на работен ручек.
МИА/Фото: МНР