еМагазин
Image default
Спорт

„Макпетрол“ освои 11 медали на државниот плејоф карате-турнир за сениори

Последната недела од март во Гвадалахара, Шпанија, ќе се одржи европското сениорско карате-првенство, а на државниот плејоф-турнир за влез во репрезентацијата најуспешни беа членовите на „Макпетрол“.

Скопскиот клуб освои 11 признанија, односно четири златни, пет сребрени и две бронзени медали. Право на учество на ова натпреварување имаа единствно освојувачите на признанија на националниот шампионат што се одржа минатата недела.

Натпреварувањето се одвиваше по бергер-систем, односно сите спортисти освојувачи на медали во тежинските категории имаа меѓусебни борби, секој со секого.

– Државното првенство и плејоф-турнирот се најстресните два натпревари за сите спортисти, тренери и клубови. За нас е најважно што ги потврдивме и задржавме првите места што ги освоивме на државното сениорско првенство претходната недела.

Задоволни сме бидејќи на татамите покажавме и докажавме дека имаме спортски ресурси и за поголем резултат затоа што сите наши спортисти се максимално и сериозно подготвени за влез во репрезентацијата. Не е тајна дека имавме неколку судиски неправди, кои доколку не се случеа секако дека ќе имавме и поголем резултат, но тоа е составен дел на нашиот спорт, изјави тренерот на „Макпетрол“.

Освојувачи на првите позиции се Петар Заборски (-75 кг.), Петар Спасеновски (-84 кг.), Стефан Стојановиќ (+84 кг.) и Ангела Мојсовска (-68 кг.), односно тие обезбедија место во репрезентацијата што ќе ја претставува Македонија во март во Шпанија.

Второпласирани на турнирот се Марија Петровска (-55 кг.), Симона Заборска (-61 кг.), Давид Петков (-67 кг.), Глигор Петков (+84 кг.), Витомир Трајковски (-84 кг.). Со бронзени медали се закитија Јована Мицовска (-61 кг.) и Викторија Јовановска (-61 кг.).

Тренерот на „Макпетрол“ истакна дека за членовите на клубот е забележително што доминираа во машкиот дел во тежинските категории. Во полутешка (-84 кг.) и во тешка категорија (+84 кг.) каратистите на скопскиот тим имаа финални мечеви и на државното првенство и сега на плејоф-турнирот.

Натпреварувачка зрелост и голема подготвеност прикажа Петар Заборски (-75 кг.), кој и на националниот шампионат и на плејоф-турнирот забележа максимален број победи и како непоразен обезбеди репрезентативно место во оваа тежинска категорија.

Кај жените исклучително квалитетен настап имаше Ангела Мојсовска која, исто така, не остави простор за грешки и со максимална борбеност оствари највисок резултат во својата категорија (-68 кг.).

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Нашите и полициските истраги не најдоа докази за местење натпревари од страна на судиите, велат од Европската ракометна федерација

Редакција

Ракометниот клуб Вардар во загуба од 1,2 милиони евра

Редакција

Македонија изгуби од Австрија, следниот натпревар го играме со Украина

Редакција