Европската ракометна федерација (ЕХФ) денес преку соопштение со огласи за наводниот „скандал“ со местење натпревари во кои се вмешани неколку судии, помеѓу нив и македонските Ѓорѓи Начевски и Славе Николов.
Во соопштението на ЕХФ се вели дека досега нема никави докази за местење резултати како што објави данската телевизија ТВ2, а се однесува на натпревари во 2016 и 2017 година.
– Во декември 2018 година, Европската ракометна федерација активно и веднаш ја препрати документацијата со која располагаат релевантните органи, поточно единицата за спортски интегритет, дел од одделот за организиран криминал, при федералните криминално-разузнавачки служби на Австрија, така што сите потребни истрагите на национално и меѓународно ниво би можеле веднаш да се започнат.
Ова е бараниот и неопходен чекор во оваа работа, бидејќи местењето натпревари е кривично дело кое треба да го истражува полицијата како одговорна институција.
Според сознанијата на ЕХФ, до денес овие истраги на полицијата не дадоа никаков резултат и шпекулациите останаа непотврдени по истрагата. Сопствените анализи на ЕХФ за спорните натпревари од спортска гледна точка во тоа време не донесоа докази што би го оправдале покренувањето правна постапка.
Судиите не се суспендирани, бидејќи ниту на страната на полицијата ниту на страната на ЕХФ не се утврдени суштински причини за ваквите чекори, стои во соопштението на ЕХФ.
ЕХФ има пристап со нулта толеранција кога станува збор за каков било вид наместени натпревари или несоодветно влијание врз резултатот од натпреварот. Во случај да има достапни дополнителни информации во врска со настаните споменати во извештајот, ЕХФ бара секоја таква информација да биде проследена за да може веднаш да се покренат сите потребни истраги, вклучително и полициските мерки, додаваат од европската „Куѓа на ракометот“.
Најдобриот македонски судија Ѓорѓи Начевски не сакаше да ги коментира шпекулациите за наводен скандал со местење натпревари.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
МИА/Фото: EHF