Во депото на Агенцијата за управување со одземен имот во близина на скопското село Миладиновци, судиите од Кривичен суд Огнен Ставрев и Осман Шабани и обвинителите од СЈО, Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски, вршат увид на автомобилот „опел омега“, кое е дел доказниот материјал за „Монструм“.
Во моментов се проверува дали има калници на возилото, дали недостасува некоја лајсна, а се утврдува и бројот на шасијата.
На вештачењето се присутни и обвинети во случајот „Монструм“, како и адвокатката на семејствата на жртвите дафинка Ивановска.
Директорот на Агенцијата за управување со одземен имот, Фатон Асани рече дека од МВР возилото во депото е донесено на 1 ноември 2012. Возилото било примено без регистарски таблички, а има налепница на задниот браник.
На претходните рочишта за „Монструм“ беше сослушан загрозен сведок, кој исказот го даде од друга просторија со мутиран глас и заматена слика.
Во своето сведочење, тој кажа дека на местото на настанот бил на 9-ти, 10-ти, 11-ти и 12-ти април, каде го видел „Голфот 3“ со затемнети стакла на повеќе различни локации, како и други две возила. Прашан дали вечерта бил на местото на настанот, сведокот кажа да, и потврди дека видел четири тела. Тој во судницата препозна неколкумина од обвинетите и ги опиша.
Одбраната изрази сомнеж во вистинитоста на неговите искази, бидејќи како што реагираа загрозениот сведок е конфузен во одговорите. Посочуваат дека на истото негово сведоштво била базирана и претходната пресуда за „Монструм“ што беше укината на Врховен суд, а предметот вратен на повторно одлучување
За петкратното убиство кај Смилковско езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.
Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.
МИА/Фото: А1он