еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

ММФ за годинава предвидува раст на македонската економија од 2,1, а цените да пораснат за 9,2%

Во тек е економско закрепнување на Македонија, со реален раст на бруто-домашниот производ (БДП) проектиран на 2,1 отсто оваа година, а 3,4 проценти во 2024 година. Потрошувачките цени се очекува годинава да пораснат во просек за 9,2 отсто, 3,5 отсто во 2024, а до 2026 година да се вратат на 2 отсто, се наведува во прелиминарните наоди на мисијата на ММФ која престојуваше во земјава од 5 до 9 јуни.

– Јавните финансии се на пат да ја исполнат целта за дефицитот утврдена во Буџетот за 2023 година одобрен од Парламентот. Сепак, доцнењето во усвојувањето на реформата на даночната политика и солидарниот данок можат да ги компромитираат даночните приходи и да ги загрозат приоритетните трошоци.

Во овој контекст, даночната реформа треба да се усвои без одлагање со оглед на долгиот период за јавни консултации, а истото се однесува и на солидарниот данок. Дополнително, напорите за подобрување на наплатата на даноците треба да се одржат и забрзаат, вели шефот на мисијата на ММФ, Жак Манијане.

Со оглед на тоа што растот на потрошувачките цени во последните години ја намали куповната моќ на домаќинствата, ММФ оценува дека е разбирливо што работниците во јавниот сектор бараат повисоки плати.

– Веќе има простор во буџетот на централната влада да се приспособи за зголемување на масата за плати од близу 10 проценти, слично на проектираната стапка на инфлација за 2023 година, вклучително и усогласувањето на минималната плата оваа година.

Сè што е над ова би создало големо и трајно оптоварување на буџетот, а исто така би ризикувало да ги истисне другите суштински трошоци. Големите зголемувања на платите, исто така, носи ризик да ја претворат привремено високата инфлација во постојано висока инфлација, смета Манијане.

Фискалната консолидација треба да продолжи да ја поткрепува фискалната одржливост и да обезбеди адекватни фискални резрви за следната криза.

– Иако реформата на блок-тарифите за електрична енергија во 2022 година беше значаен чекор во вистинската насока, цените на електричната енергија за повеќето домаќинства остануваат силно субвенционирани и се меѓу најниските во Европа.

Како резултат на тоа, јавните финансии остануваат ранливи на порастот на цената на енергијата. Иако зголемувањето на тарифите за енергија никогаш не е лесно, ќе биде важно да се продолжи со реформите на тарифите за електрична енергија кои постепено ќе ги укинуваат субвенциите и ќе ја зајакнуваат енергетската ефикасност.

Сегашниот контекст на пониски меѓународни цени на енергијата дава можност за продолжување на ваквите реформи. Поддршката за сметките за електрична енергија треба да биде насочена кон посиромашните домаќинства, наместо да им користи на повеќето домаќинства на нецелен начин, како што е моментално, оценува ММФ.

За Народната банка се вели дека ја продолжува неопходната нормализација на монетарната политика преку повисоки каматни стапки и други мерки, за да се осигура дека високата инфлација нема да се вкорени.

Овие промени во политиката помогнаа да се стабилизираат инфлациските очекувања и придонесуваат за постепен пад на инфлацијата. Важно е што тие исто така обезбедуваат девизните резерви да останат соодветно ниво, што е клучно за Македонија.

– Банкарскиот систем е ликвиден, профитабилен и соодветно капитализиран и очекуваме дека ќе може да ги апсорбира ефектите од заострените финансиски услови и другите шокови.

Сепак, сегашните позитивни услови треба да се искористат за да се продолжи со додавање на капиталните резерви.

Конечно, го поддржуваме неодамнешното воведување на макропрудентни мерки засновани на заемопримачи. Тие се важни алатки на централната банка и ќе помогнат да се ограничат ризиците во секторот на недвижности, велат од ММФ.

Во прелиминарните наоди се нагласува дека структурните и институционалните реформи, се клучни за изгледите за пристапување на Македонија во ЕУ, и треба да се забрзаат за да се зајакнат изгледите за раст на земјата и приближување кон приходите на ЕУ на среден рок.

Што се однесува до проектите за патиштата од Коридорите 8/10д, од ММФ посочуваат дека сè уште ги проценуваат импликациите врз јавните финансии.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Кој сѐ е во „трка“ за нов претседател на СДСМ

Редакција

Каков имот пријавил Раим Бајрами кој е избран за претседател на УО на Агенцијата за цивилно воздухопловство

Редакција

Почина жената која беше претепана од неготинецот со кој била во вонбрачна заедница

Редакција