Оваа недела во рамки на Скопско лето има голем избор на настани од различни области. Завчера во Чифте амам се отвори изложбата на Михаил Корубин „Визуелна Артикулација“ која предизвика голем интерес кај присутните.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Галерија) Преполно на отворањето на изложбата на Михаил Корубин
Корубин на публиката и се претстави со 13 големи платна кои ги насликал годинава, како и со минијатурни графики арт токен за кои допрва ќе се пишува бидејќи самиот тој е иноватор на овој стил.
Вчера во Музејот на македонската борба за сите љубители на класичната музика се одржа концерт на Андреј Наунов на пијано и Кристијан Жермен од Австрија. Овој настан е во соработка со Австриската амбасада во Скопје.
За најмладата публика денеска ќе игра претставата „Некој нека ми каже колку сум важен“ во Театарот за деца и младинци, со почеток во 19 часот.
Во Куршумли ан малку подоцна со почеток во 20 часот стартува концертната промоција на албумот „Вида“ на MIYATTA.
Фотографот Ацо Кондев со изложбата „Парис ла Дефанс“ е на програма во четврток и тоа во Културно информативниот центар со почеток во 20:30 часот.
Во продукција на Снежана Богдановска – Сани ќе се одржи модна ревија како омаж на Тјери Муглер, насловена како „Ангел на ексцентричноста“ во петок на 30 јуни.Се работи за ревија на студентите на институтот Изет цури според инспирација од моделите на дизајнерот Тјери Муглер.
Саботата е резервирана за изложба на фотографии на Џон Илија Апелгрин „Забранети луѓе“ и тоа во Кинотека на Македонија со почеток во 20 часот.
Малку подоцна во 21 часот е најавен Гала оперски концерт на националната опера и балет со солистите, хорот и оркестарот на НОБ. Диригентската палка е на Реваз Јавакишвили од Грузија. На програмата се арии од Верди, Пучини, Чилеа и Моцарт.