еМагазин
Image default
Бизнис

Рудниците или ќе ги полнат или ќе ги испразнат македонските буџети

Над 1,3 милијарди евра изнесува потенцијалната отштета што државата ќе ја плати доколку загуби во споровите во меѓународна арбитража.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи информира дека станува збор само за основицата, без затезни камати, со кои овој износ се искачува над 1,5 милијарди евра. Битиќи неодамна брифираше дека од 2017 година па досега против Македонија се поведени осум арбитражни спорови, од кои пет се активни, пишува А1он.мк.

Претходно од Државниот завод за ревизија порачаа да се утврдат причините поради кои против Македонија се покренуваат арбитражни постапки и да се побара одговорност.

„Доколку државата ги изгуби споровите, вкупен износ на средства што потенцијално би требало да се платат се во износ од 82.267.500 илјади денари (945 милиони евра и 420 милиони долари)“, наведоа од Заводот во нивниот последен Извештај.

Според извештајот, основната вредност на споровите е во вкупен износ од околу 833 милиони евра, додека пак трошоците, како што се каматите и надоместоците за адвокатски услуги, изнесуваат околу 496 милиони евра.

Државата веќе ја ситни огромната сума од 1,3 милијарди евра. За петте спорови од 2018 година па навака се одлеваат пари на граѓаните. Исплатени се 15,6 милиони евра на повеќе адвокатски фирми.

Претходно од Владата информираа дека соработуваат со адвокатските фирми „White&Case“, „Orrick, Herrington&Sutcliffe“ и „McDermott Will&Emery“, поради нивниот добар рејтинг на глобалната листа. Само во текот на една година, односно 2021-ва, Генералниот секретаријат на Владата потрошил 3,8 милиони евра за ангажирање на адвокатски друштва за застапување во арбитражни постапки во странство.

Инаку, последно Македонија во спор пред странските судови загуби од Хеленик Петролеум. Државата беше обвинета дека не го испочитувала купопродажниот Договор потпишан при преземањето на ОКТА во 1999 година. Хеленик Петролеум побара надомест, зашто државата не откупувала по 500.000 тони мазут од ОКТА, иако така било наведено во Договорот за купопродажба на акции и концесија. Македонија загуби во пресудата на Арбитражниот суд во Париз и беше наложено на фирмата да и плати 21,5 милиони евра пари на даночните обврзници.

Голем дел од тужбите кон државата се поради непочитување на обврски од концесии во рударскиот и преработувачкиот сектор. Меѓу нив, е постапката покрената од инвеститорите во одземената концесија за експлоатација на минерална суровина бакар, злато и сребро на локацијата Казандол во општина Валандово. Концесијата за експлоатација на минерални суровини и беше доделена на компанијата Сардич МЦ. Но, Владата го раскина Договорот со Сардич кога рудникот Казандол беше при крај со изградбата. Компанијата најави дека ќе бара отштета од 380 милиони евра.

Арбитражна постапка покрена и словенечкиот бизнисмен со македонско потекло, Блажо Тасев, за нефер и третман во постапката за продажба на рудникот за олово и цинк САСА од Македонска Каменица во 2004 година. Откако го загубил спорот пред судовите во Македонија, тој покрена инвестициска арбитража, а за отштета бара 492 милиони евра.

Арбитражна постапка беше покрената и од индиските државјани Гокул Бинани и Маду Бинани, сопственици на компанијата „Индоминерали“, за поведена стечајна постапка и одземена концесија на рудниците за олово и цинк „Злетово и Тораница“, во 2015 година. Сепак, како што брифира Битиќи, државата во овој случај е уверена во позитивен исход.

Од она што е познато и „Еуромакс ресоурсес“, кој е инвеститор во рудник за бакар во Иловица, води правна битка, но пред домашните институции. Спорот настана по едностраниот раскин од страна на Владата на договорот за концесија за експлоатација. Од фирмата инвеститор истакнаа дека доколку правдата не биде задоволена кај нас и тие ќе покренат спор во меѓународна арбитража.

„Искрено се надеваме дека нема да се повтори праксата од 2020 година, кога надлежните државни институции во пресрет на тогашните локални избори одлучија да ја стават концесијата на Иловица – Штука во дневно–политичка агенда. Компанијата Еуромакс рисорсис останува доследна на принципот дека ќе ги исцрпи сите домашни правни механизми за да ја реализира инвестицијата со добра волја и чесни намери.

Сепак, доколку увидиме дека по прашањето на нашата ивестиција повторно се напаѓа владеењето на правото како уставна загарантирана темелна вредност, тогаш ќе бидеме принудени да покренеме соодветна постапка пред Меѓународната арбитража во Вашингтон, САД. Првичните проценки се дека вкупните штети кои потенцијално ќе се наплатат од Буџетот на Северна Македонија изнесуваат повеќе од 1 милијарда евра, без пресметани камати“, соопштија од Еуромакс Ресоурсес.

Доколку и оваа компанија инвеститор ја оствари најавата за покренување меѓународна арбитража, на државата и се заканува сума од над 2,5 милијарди евра за отштети кон приватни компании. Оваа сума е безмалку половина од актуелниот годишен буџет, кој изнесува 5,3 милијарди евра.

Ревизорите веќе порачаа да се обрне внимание поради импликациите врз буџетот од страна на судските пресуди во меѓународна арбитража. Според математиките, ако државата ги загуби споровите секој македонски државјанин ќе биде задолжен за скоро две илјади евра. Инвеститорите пак изразија увереност во позитивен исход, зашто инвестициите се заштитени со меѓународни договори и се сигурни дека одлуките на арбитражите ќе бидат на нивна страна.

Фото: Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Макпетрол ќе дели дивиденда

Редакција

Континуиран пораст на странските туристи во Македонија

Редакција

Стопанска банка Скопје лани оствари добивка од 38,5 милиони евра

Редакција